Пожар кај Јажинце, привремено е затворен граничниот премин

Илустрација

Поради пожар затворен за сообраќај е патот Тетово - Јажинце кај село Рогачево, а затворен е и граничниот премин „Јажинце“ кон Косово.

„Во 15.15 часот патниот правец Тетово – Јажинце кај село Рогачево сообраќајот е запрен од страна на ПС од БПС Тетово, заради безбедност на возачите поради проширениот пожар во атарот на селата Рогачево и Јажинце, кој е во близина на пат“, соопшти Автомото сојузот на Македонија(АМСМ).

Сите противпожарни екипи од Тетово и две специјализирани возила на Дирекцијата за заштита се на терен и работат на заштита на имотите од огнот, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Видете и ова: ДЗР: Се очекува стабилизирање на пожарите во Јасен и Јагуновце

Во готовност се и авион „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Надлежните институции ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа и да ги ослободат патиштата за возилата на службите за итна интервенција.

Од МВР апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон преминот „Јажинце“ додека да се изгасне пожарот и да се нормализира сообраќајот.

Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, на прес-конференција на 15 август рече дека на територијата на државата сега има пет пожари на отворен простор, - два целосно изгаснати и три активни пожари.