Норвешка ѝ дава 100 милиони долари на Украина за природен гас

Илустрација

Владата на Норвешка соопшти дека ѝ донира 1 милијарда круни (98,29 милиони долари) на Украина за да купи природен гас пред зимата, јави агенцијата Ројтерс.

Украина беше принудена да го зголеми увозот на гас откако руските ракетни напади ги оштетија производствените капацитети на истокот на земјата.

Видете и ова: Украина ќе добие заем од 500 милиони евра од ЕБРД за итни набавки на гас

Аналитичарите велат дека украинските резерви на гас се на најниско ниво во последните 12 години, а капацитетите за складирање моментално се полни помалку од една третина, пренесе Ројтерс.

„Навремената и систематска помош што ја обезбедува норвешката влада е исклучително важна за обезбедување на енергетската безбедност на Украина“, изјави украинската министерка за енергетика, Свитлана Гринчук.

Добиените средства ќе ги користи државната енергетска компанија „Нафтогаз“ за купување природен гас на глобалниот пазар за да се создадат доволно резерви на гас пред грејната сезона, додаде таа.

Украинското министерство за енергетика соопшти дека на земјата ѝ се потребни околу 13 милијарди кубни метри гас во складиштето за зимската сезона.