Судири меѓу полицијата и демонстрантите на протестот во Белград

Антивладини протести во Белград, Србија

Трета ноќ по ред, во петокот се одржаа протести во неколку градови во Србија.

Протестите се реакција на судирите меѓу поддржувачите на владејачката Српска напредна партија и демонстрантите во два града во Војводина, Врбас и Бачка Паланка, на 12 август.

Судири меѓу полицијата и некои демонстранти беа регистрирани на 15 август во Белград на неколку локации.

Неколку илјади граѓани се собраа пред Владата на Србија, на неколку стотици метри од Општинскиот одбор на СНС. Неколку десетици поддржувачи се собраа пред просториите на партијата, а кордоните на жандармеријата ги разделија двете групи.

Во еден момент, беше испален огномет, а жандармеријата, заедно со Полициската бригада, почна да ги растерува демонстрантите. Беше фрлен солзавец, а жандармеријата употреби оклопни возила за да ги потисне демонстрантите.

Тие одговорија со фрлање камења и палење контејнери. Во текот на ноќта во главниот град беа регистрирани уште неколку судири меѓу полицијата и демонстрантите, а ситуацијата се смири околу полноќ.

Неколку лица се повредени, објавија новинарите на терен.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трета ноќ инциденти на протестите во Србија

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ објави дека шест полицајци се повредени, а 38 лица се уапсени за време на уличните немири во Белград. Во јавно обраќање, Дачиќ рече дека демонстрантите дошле на митингот со намера да им наштетат на полицајците.

„Тие дојдоа маскирани, носејќи шипки, столбови, камења, штитови. Користеа праќки за да фрлаат мермери и камења кон полицајците. Имаа подготвени шишиња со замрзната вода или запалива течност - сто контејнери беа запалени“, рече Дачиќ.

Според него, екипа од телевизијата Информер била нападната во Нови Сад, а две лица биле уапсени.

Во Нови Сад, каде што демонстрантите ги демолираа општинските канцеларии на Српската напредна партија претходниот ден, митингот во петокот помина мирно. Граѓаните се собраа пред Полициската станица, а потоа одржаа протестна прошетка низ центарот на градот.

Немаше инциденти за време на официјалниот дел од протестот. По завршувањето на протестот, група демонстранти нападнаа екипа од телевизиската станица Информер, која е наклонета кон владата.

Протести се одржаа во неколку други градови низ земјата.

Од вторник во српските градови се организираат антивладини протести, за време на кои паралелно се собираа и поддржувачи на владејачката Српска напредна партија.

За време на овие собири, кои беа повикани од студенти и граѓани кои ги поддржуваат, избувнаа неколку инциденти.

Во тоа време, собраните антивладини демонстранти пријавија дека врз нив се пукало со пиротехнички средства од правец на просториите на СНС. Полицијата во Врбас интервенираше за да ги одвои дел од демонстрантите од другите.

Антивладините протести, предводени од студенти, траат во Србија повеќе од девет месеци. Властите се сметаат за одговорни за смртта на 16 лица кога се урна настрешница на железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.

Владата ја негираше одговорноста за несреќата и одби да распише предвремени избори, едно од последните барања на организаторите на масовните протести.