Вучиќ: Не размислувавме за воведување вонредна состојба

Александар Вучиќ, претседател на Србија

„Ние не сме за воведување вонредна состојба“ како одговор на државата на секојдневните протести во Србија кои се придружени со немири, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на вонредна прес-конференција на 17 август.

„Не го разгледуваме тоа бидејќи постапката е комплицирана. Тоа е последно средство, но, не сме го разгледале и не би сакал да го разгледам“, рече тој.

Тој најави дека во следните „три или четири дена, државата ќе спроведе изненадувачки одлуки“ како одговор на антивладините протести.

„Ќе ви се чини дека сме се повлекле, дека сме се исплашиле“, рече Вучиќ, додавајќи дека реакцијата на државата „нема да биде вообичаена“.

Видете и ова: Солзавец, судири и полициска интервенција на протестите во неколку градови во Србија

Тој не прецизираше во која насока ќе одат овие одлуки.

Во последните неколку вечери во српските градови се организираат антивладини протести, придружени со немири и судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Собирите беа поттикнати од настаните во градовите Врбас и Бачка Паланка во Војводина на 12 август, кога поддржувачите на владата ги нападнаа демонстрантите со пиротехнички средства. Немирите беа предизвикани и од постапките на полицијата тој ден, која демонстрантите ја обвинија дека не презема ништо за да ги спречи нападите.

Полицијата, од друга страна, ги отфрла овие обвинувања, наведувајќи дека спречила поголем немир.

„Кого ќе убијат вечерва, кого ќе запалат вечерва, но тоа нема да трае вечно“, рече српскиот претседател во неделата.

Тој додаде дека се подготвува „формална и законска реакција на државата“ и дека „сè ќе се искористи за враќање на мирот и општествениот ред“.