Иницијативата „Шанса за Центар“ продолжува со собирањето потписи за формирање партија во пресрет на изборите

Избори/Архивска фотографија

Граѓанската иницијатива Шанса за Центар сепак ќе продолжи со собирањето потписи за да ја основа политичката платформа „Независни заедно“.

Одлуката следува иако Државната изборна комисија го донесе новиот Правилник со кој на независните кандидати за советници и градоначалници ќе им бидат потребни само два потписи за учество на претстојните локални избори.

И покрај ова, Иницијативата „Шанса за Центар“ ќе продолжи да собира потписи за да прерасне во партија бидејќи како што велат оттаму „овој Правилник ќе важи сами за овие избори“.

-Не сакаме повеќе неизвесност „пет до дванаесет“. Ќе продолжи примената на членот од законот според кој независните групи ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите, наместо со називот на групата, односно ќе стои „група избирачи“ и името и презимето на носителот на листата. Ова отвора можност да се појават слични имиња со цел да се создаде забуна кај гласачите. Пример: Билјана Ивановска и Биљана Ивановска. Ова веќе се случувало на претходни избори – објавија од оваа Иницијатива на социјалната мрежа Фејсбук денеска (18 август).

Видете и ова: Независните советници „сардисани“ во правна битка пред избори

Од „Шанса за Центар“ обвинуваат и за нерамноправност:

-Постои можност наместо јасна листа за гласање, да добиеме тетратка со голем број имиња, каде партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе следат долги списоци со имиња – се додава во нивната денешна објава.

Минатата недела, оваа Иницијатива заедно со иницијативите „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“ застанаа зад кандидатурата на Билјана Ивановска за градоначалничка на Општина Центар.

Ивановска, која беше претседателка на Антикорупциската комисија од 2019 до 2024 година, во изјава за медиумите посочи дека нема да дозволи „детални урбанистички планови кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план“.

Видете и ова: ДИК: Само два потписа доволни за учество на независните кандидати на локалните избори

Собирањето потписи продолжува иако Државната изборна комисија (ДИК) вчера го усвои новиот Правилник за регулирање на постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи и за начинот на определување на нотарите за локалните избори 2025 година.

Првиот круг од изборите е закажан за 19 октомври, а вториот за 2 ноември.