Вкупно 13 кандидати се пријавиле за претседател на Антикорупциската комисија

Државна комисија за спречување на корупцијата/Архивска фотографија

Заврши рокот за пријавување за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) – соопштија денеска (18 август) од собраниската прес служба, додавајќи дека се пријавиле вкупно 13 кандидати.

-Со оглед на тоа што постапката е прекината, прекината е и административната селекција. Имињата ќе бидат познати откако ќе заврши процесот на административна селекција на пријавените кандидати. Засега може да го потврдиме само вкупниот број на пријавите, велат од Собранието.

До 15 август, кога заврши рокот, десетина кандидатури биле пристигнати до Собранието за јавниот оглас за претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Видете и ова: Антикорупциска ќе добие претседател по локалните избори

Претседателот на Комисијата за прашања на избори и именувања, Ѓорѓија Сајкоски тогаш посочи дека конечната бројка би се знаела денеска откако ќе пристигнат и оние што се пратени по пошта. Нагласи дека постапката по овој оглас ќе продолжи по 3 ноември, односно по завршување на локалните избори – пренесе новинската агенција МИА.

Во средата пак, на 13 август, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата одржа седница на која ја формираше Комисијата за селекција на кандидати за претседател на ДКСК.

Како членови на ова тело беа избрани заменикот народен правобранител Илбер Руфати, двајца претставници на здруженија кои се дел од советите за соработка на Владата и граѓанскиот сектор – Дарко Аврамовски и Бардил Јашари, како и четворица пратеници – Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Саранда Имери Стафаи од ВРЕДИ, Митко Трајчулески од СДСМ и Арбана Пашоли од Европскиот фронт.

Членовите на Комисијата за селекција се овластуваат да вршат обработка на личните податоци, при што се должни да обезбедат тајност и заштита на податоците согласно Законот за заштита на лични податоци, за што до Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе достават изјави.

Собранието на 1 август донесе Одлука за објавување на јавен оглас за избор на претседател на ДКСК, откако сега веќе поранешната претседателка, Татјана Димитровска поднесе оставка.

Нејзината оставка следуваше по обвинувањата на Обвинителството за гонење организиран криминал и обвиненијата за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.