Сѐ уште активен еден крак на пожарот во ловиштето Јасен

илустрација

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов информира дека се уште е активен еден крак на пожарот во ловиштето Јасен.

„За жал пожарот во ловиштето Јасен се уште не е изгаснат. Еден крак е се уште активен. Дождот што заврна во многу мала количина не го изгасна огнот. Овде дејствуваме со два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување бидејќи можам да забележам една жешка точка и горе високо над сртот, и од спротивната страна две жешки точки со чадење“, изјави Ангелов.

Ангелов појасни дека се работи за екстремно стрмен терен и еден со зимзелена шума кадешто е исклучително ризично да се спуштат луѓе.

„Нашиот фокус ќе биде со два „ер трактори“ коишто со полицискиот хеликоптер да дејствуваме на оваа точка. Ќе дадеме се од себе во текот на денешниот ден да го ставиме под целосна контрола и овој преостанат крак од пожарот, но веќе гледам дека горењето се засилува што само по себе подразбира дека во попладневните часови ќе имаме посилен оган“, додаде Ангелов.

Видете и ова: Активни пожарите во „Јасен“ и помеѓу селата Рогачево и Јажинце

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод - Скопје се уште останува затворен за секаков вид на возила.

Поради честите пожари летово, на територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Владата на седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.

За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.