Владата апелира институциите да ги пријават службените возила во ДКСК

Марија Митева, портпарол на Владата на РСМ

Владата апелира државните институции да го пријават бројот на службени возила во Регистарот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), за да нема злоупотреби со нивно користење во тек на кампањата за претстојните локалните избори.

„Апелирам до сите институции да го поднесат бројот на службените возила“, изјави денеска портпаролката на Владата Марија Митева. Претходно ДКСК соопшти дека во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаaт со државен капитал, институциите пријавиле податоци за 1916 возила.

Таа уверува дека ќе се испочитува рокот за означување со боја на регистарските таблички на службените возила.

„На седница на Владата веќе е донесена одлука дека рокот за поставување на регистерски таблички во боја е до 15 септември и тоа ќе го завршиме се во насока да нема повеќе злоупотреби на службени возила за цели кои се надвор од службените“, рече Митева.

Видете и ова: Црвено - жолти таблички за службени возила - реална или фиктивна борба против злоупотреби

Рокот за доставување податоци за бројот, марката на возилото, година на производство, регистарски број и возна состојба до ДКСК заврши на 18 август.

Доколку правните лица не ги достават податоците за возилата со кои расолагаат во предвидениот рок, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците.

Според одлуката на Владата, до 15. следниот месец сите службени возила треба да добијат специјални таблички во црвена боја. Се предвидува да се воведе и специјален регистар на државните автомобили, којшто ќе овозможи прецизна евиденција за местоположбата и користењето на секое службено возило.