За нови 179 денари е порасната вредноста на минималната синдикална кошничка за месец август во споредба со минатиот месец, покажува анализата на Сојузот на синдикатите на Македонија,(ССМ). Според нивните пресметки овој месец на граѓаните им се потребни најмалку 65.507 денари за да го преживеат овој месец. Дополнително ако во пресметката се стават и трошоците за изнајмување на стан или пак исплата на станбен кредит вкупните трошоци за август достигнуваат и до 80 882 денари.
Во споредба со периодот пред укинување на активните владини мерки, кошницата е зголемена за 2.816,00 денари или 4,49 отсто, соопштуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Лани во август минималната синдикална потрошувачка кошничка изнесувала 61 199 денари, што значи дека за една година бележи пораст од 4 308 денари.
Најголем пораст во кошничката ССМ забележува во категоријата за храна и пијалоци која изнесува повеќе од една третина од вкупната сума, 24 илјади денари, што е за речиси 400 денари повеќе од јули годинава. Во однос на претходниот период, по укинувањето на мерките, оваа категорија бележи раст од 2.584,00 денари, односно 12,09 отсто.
Инфографика - Индекс на трошоци на живот и на цени на мало, споредбено јули 2025 со јули 2024
Од другите категории, како што посочуваат од ССМ, трошоците за облека и обувки се намалени за 114,00 денари, за лична хигиена има намалување од 74,00 денари и за транспортот се намалена за 16,00 денари.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека интензивно се работи со професори и со министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши за преземање мерки за намалување на цените на производите, како и на предлог за нови анализи за потрошувачката кошничка. Мицкоски тогаш изјави дека очекува на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ќе се разговара и на темата за потрошувачката кошничка.