Газа и околните области официјално страдаат од глад и ова веројатно ќе се прошири, утврди денеска (22 август) глобален мониторинг за глад - проценка што ќе го ескалира притисокот врз Израел да дозволи повеќе помош на палестинската територија, пренесе Ројтерс.
Интегрираната класификација на фази на безбедност на храната (IPC) - глобална иницијатива на агенциите на Обединетите нации што работи на идентификување на состојбите со глад соопшти дека 514.000 луѓе, или близу една четвртина од Палестинците во Газа, се соочуваат со глад, а бројот се очекува да се зголеми на 641.000 до крајот на септември.
Околу 280.000 од тие луѓе се во северниот регион што го опфаќа градот Газа, за кој IPC соопшти дека е во глад по речиси двегодишната војна меѓу Израел и милитантите на Хамас - палестинско движење кое САД и ЕУ го сметаат за терористичко.
Ова e првпат IPC да регистрира глад надвор од Африка, а глобалната иницијатива предвиде дека условите за глад ќе се прошират во централните и јужните области на Деир ал-Балах и Кан Јунис до крајот на следниот месец.
Додаваат дека ситуацијата подалеку на север може да биде уште полоша отколку во градот Газа, но дека ограничените податоци спречуваат каква било прецизна класификација.
Видете и ова: Кац: Градот Газа може да биде уништен ако Хамас не се согласи со нашите условиРојтерс претходно објави за борбата на IPC да добие пристап до податоците потребни за проценка на кризата.
„Тоа е глад што можевме да го спречиме доколку ни беше дозволено. Сепак, храната се натрупува на границите поради систематската опструкција од страна на Израел“, рече шефот на хуманитарната помош на ОН, Том Флечер.
Израел ги отфрли наодите како лажни и пристрасни, велејќи дека IPC го базира своето истражување на делумни податоци во голема мера обезбедени од Хамас, кои не го земале предвид неодамнешниот прилив на храна.
Извештајот е „целосна лага“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Тоа е модерна крвава клевета, која се шири како шумски пожар преку предрасуди. Историјата ќе им суди на оние што ја продаваат“, рече тој во соопштението.
За еден регион да биде класифициран како регион во глад, најмалку 20% од луѓето мора да страдаат од екстремен недостиг на храна, при што едно од три деца е акутно неухрането, а две лица од секои 10.000 умираат секојдневно од глад или неухранетост и болести.
Претходно, IPC имаше регистрирано глад само во Сомалија, Јужен Судан и Судан. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека гладот во Газа е „катастрофа предизвикана од човекот, морална пресуда и неуспех на самото човештво“.
Тој повика на итен прекин на огнот, ослободување на сите заложници што сè уште ги држи Хамас, како и неограничен пристап до хуманитарна помош.
Шефот на ОН за човекови права, Волкер Турк, предупреди дека смртните случаи од глад би можеле да претставуваат воено злосторство.
Војната во Газа почна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас уби 1.200 луѓе во јужен Израел и зеде околу 250 заложници, според израелските пресметки.
Оттогаш, во воената кампања на Израел се убиени повеќе од 62.000 Палестинци, според здравствените власти во Газа.
САД, Катар и Египет се обидуваат да посредуваат за завршување на конфликтот.