Почнува јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори

Изборен процес / Архивска фотографија

Во пресрет на локалните избори закажани за 19 октомври, денеска (23 август) почнува јавниот увид во Избирачкиот список кој трае 20 дена.

Државната изборна комисија (ДИК) го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна на 3 октомври.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко на вчерашната седница ги повика граѓаните од денеска до 11 септември на полноќ да извршат увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК. Нивните адреси се објавени на веб страната на Комисијата, а ќе бидат отворени од 8 до 20 часот непрекинато и за викенд и за празници.

Видете и ова: Мицкоски: Владата има право да именува повереници во општините, ако изборите се неуспешни

Последниот ден од увидот на 11 септември подрачните одделенија на ДИК ќе бидат отворени до полноќ.

„Сукцесивно секој ден, по завршувањето на работното време подрачните одделенија ќе ни доставуваат податоци за дневна евиденција и истите податоци ние наредниот ден ќе ги објавуваме колку граѓани го искористиле ова право по општини и по подрачни ооделенија“, рече Кондарко.

Граѓаните, барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список што е ставен на јавен увид ги поднесуваат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на подрачјето на живеење, или по електронска пошта до ДИК. Со барањето се приложуваат и потребните докази.

Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список се поднесуваат во периодот од 23 август до 11 септември.

Увид во Избирачкиот список им се овозможува и на затворениците. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список за време на јавниот увид, лицата во притвор или во затвор го поднесуваат преку органот надлежен за извршување на санкциите до ДИК, од 23 август до 11 септември.

Видете и ова: Иницијативата „Шанса за Центар“ продолжува со собирањето потписи за формирање партија во пресрет на изборите

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето.

Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд решава во рок од 24 часа и одлуката веднаш му ja доставува на тужителот по електронски пат. Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на ДИК.

Барања од политичките партии по електронски пат

Барањето за доставување на Избирачкиот список политичките партии го доставуваат до ДИК по електронски пат, најдоцна на 11 септември.

ДИК во рок од три дена (најдоцна на 14 септември) од денот на завршување на јавниот увид, избирачкиот список го доставува до политичките партии кои доставиле барање до денот на завршување на јавниот увид.

Политичките партии во рок од пет дена од денот на приемот на избирачкиот список до ДИК (најдоцна на 19 септември) доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци.

ДИК по поднесеното барање одлучува со решение во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето, согласно Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список.

Против решението на ДИК, политичката партија може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.

Видете и ова: Предизборна општинска „дарежливост“, меѓу јавниот интерес и изборниот профит

Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид на 12 септември доставува, листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по било кој основ од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите.

ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.

Органот надлежен за извршување на санкциите, најдоцна 30 дена пред денот определен за избори доставува податоци за лицата кои се во притвор или се наоѓаат на издржување казна затвор врз основа на евиденцијата што ја води овој орган до ДИК. Податоците се доставуваат на магнетен медиум и задолжително го содржат единствениот матичен број на граѓанинот, најдоцна до 18 септември.

Министерството за социјална политика, демографија и млади најдоцна 30 дена пред денот определен за избори, врз основа на сопствена евиденција и врз основа на доставените податоци од одговорните лица во установите за вонсемејно згрижување, до ДИК доставуваат податоци за лицата кои се пријавиле за гласање во установи за вонсемејно згрижување.

Основните судови до ДИК доставуваат податоци за лицата на кои со правосилна судска одлука им е целосно одземена деловната способност или делумно одземена деловна способност при што судот утврдил дека лицето нема способност да изрази правно релевантна волја на избори и податоци за лицата на кои им е изречена мерката притвор.

Видете и ова: Градоначалничка понуда – машки свет со „проверени“ кандидати

Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ДИК го заклучува најдоцна 15 дена по завршениот јавен увид, најдоцна на 26 септември.

ДИК го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна 15 дена пред денот на одржувањето на изборите односно најдоцна на 3 октомври.

Првиот круг од изборите е закажан за 19 октомври, а вториот за 2 ноември.