Кандидатите на претстојните локални избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми во државата.
Од пристигнатите 352 барања за упис во регистерот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми, интернет портали за изборите за Локалните избори за 2025, Државната изборна комисија (ДИК) позитивно одговори на 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали.
„Пристигнаа 352 барања за упис во регистерот, исто така до ДИК се доставени вкупно 399 ценовници за платено политичко рекламирање“, изјави Светлана Карапетрова, член на ДИК.
Таа информираше дека врз основа на целата обработена документација се запишани 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатни медиуми и 246 интенет портали.
Видете и ова: ДИК: Само два потписа доволни за учество на независните кандидати на локалните избориБарањата на 22 правни лица, две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали се отфрлени како неуредни, односно ненавремено доставени – посочи Карапетрова.
Дополнително, рече таа, доставени се два ценовници за упис во регистерот, но на истите правни субјекти „нема доставено барање со што се отфрлаат како неуредни“.
Вкупниот буџет за одржување на Локалните избори 2025, изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини, или 6,5 милиони евра се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември. Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.