Британскиот амбасадор Рејли: Референдумот за пресудата на Додик е закана за уставниот поредок на БиХ

Британскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Џулијан Рејли/ 2024 година

Откако Народното собрание на Република Српска вчеравечер донесе одлука за одржување референдум по повод пресудата на Судот на Босна и Херцеговина за одземање на мандатот на Милорад Додик како претседател на Република Срска (РС), реагираше британскиот амбасадор во БиХ, Џулијан Рејли.

„Судот на БиХ, независна институција, го осуди поранешниот претседател на Република Српска, г. Додик, и таа пресуда мора да се почитува. Спроведувањето референдум за која било судска пресуда или непочитувањето на истата би било противзаконски и би го поткопало владеењето на правото и уставниот поредок на БиХ", изјави британскиот амбасадор во БиХ.

Народното собрание на Република Српска донесе одлука во доцните вечерни часови на 22-ри август за одржување на референдум на кој граѓаните на таа единица ќе се изјаснуваат за пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против Милорад Додик и одлуката на Централната изборна комисија на БиХ со која му е одземен мандатот како претседател на РС.

Референдумот е закажан за 25. октомври.

Видете и ова: Собранието на РС донесе неуставна одлука за референдумот, пресудата и одземањето на мандатот на Додик

Референдумското прашање гласи: „Дали ги прифаќате одлуките на неизбраниот странец Кристијан Шмит и неуставните пресуди на Судот на БиХ против претседателот на РС, како и одлуката на ЦИК за одземање на мандатот на претседателот на РС, Милорад Додик?“

Одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина, кој не предвидува можност субјектите самостојно да распишуваат референдуми за одлуки на државните институции.

Исто така, усвоени се и измените на Законот за референдум и граѓанска иницијатива по итна постапка, кои овозможуваат формирање посебни комисии за спроведување референдум.

На почетокот на август, Судот на БиХ донесе конечна пресуда со која го осуди Милорад Додик на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција. Затворската казна беше отплатена, додека Централната изборна комисија на БиХ, постапувајќи по пресудата, му го одзеде мандатот на Додик како претседател на РС.

Од 18 август, Додик официјално не е претседател на РС, а Централната изборна комисија на БиХ е должна да распише предвремени избори за претседател на ентитетот во рок од 90 дена.

По одземањето на мандатот на Додик, ентитетот остана без претседател и без премиер, со оглед на тоа дека Радован Вишковиќ поднесе оставка.

Во заклучоците се наведува дека Народното собрание се спротивставува на одржувањето предвремени избори, дека „Додик е повикан да продолжи да ја извршува функцијата претседател на РС“ и дека од сите институции во ентитетот се бара да не преземаат активности поврзани со распишувањето избори.

Опозицијата предупреди дека со тоа се влегува во зоната на кривични дела и кршење на уставниот поредок на БиХ.