Граѓански собири против блокадите низ Србија

Собир на граѓаните против антивладините блокади, Врбас, 23.8.2025

Во повеќе градови во Србија денеска (23 август) се организирани собири на граѓаните кои „се противат на блокадите“, а на кои, преку социјалните мрежи и провладините медиуми, повикуваа претставници на Српската напредна партија (СНС) тврдејќи дека собирот не е партиски.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ се приклучи на протестите кои се организирани во Уб.

„Граѓаните против блокадите“, „Ја сакам мојата Србија назад“, се само дел од транспарентите на овие собири.

Репортерката на Н1 јави дека на собирот во Врбас, граѓаните носат транспаренти со пораките „Сакам живот“, „Мир да, блокади не“, „Мирен ден, слободна Србија“, балони и знамиња.

Под паролата „Го сакаме својот живот“, во Обреновац се собраа приврзаниците на СНС, а потоа тргнаа во прошетка по главните улици.

На улиците се присутни единиците на Жандармеријата, но и луѓе со „црвени беретки“, пренесе агенцијата Бета.

Формацијата „Црвени беретки“ е расформирана поради учеството во убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година.

Видете и ова: Вучиќ ги пoвика претставниците на демонстрантите на јавна дебата, тие одбија додека не се распишат избори

Претходните собири кои се одржаа на 20 август, официјално ги организираше невладината организација Центар за општествена стабилност – пренесе Бета.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ тогаш изјави дека собирите се одржале во педесетина градови и села во Србија, а дека не станува збор за 'собири против оние кои блокираат', туку против блокадите.

Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ изјави дека во 49 места во Србија се одржале „собири на граѓани кои се противат на блокадите" и дека според проценките на полицијата, на нив биле присутни околу 33.000 луѓе.

Овие собири се организираат како реакција на антивладините протести кои траат повеќе од девет месеци, а на кои пред сѐ, се бара утврдување одговорност за смртта на 16 лица, кои починаа при падот на настрешницата на Жeлезничката станица во Нови Сад.

Студентите кои ги предводат протестите додадоа и барање за распишување на вонредни парламентарни избори. Сметаат дека тоа е неизбежен потег бидејќи „државата не направила ништо во однос на одговорноста за несреќата".

Властите одбиваат да распишат предвремени избори.