Соборен украински дрон предизвика пожар во нуклеарната електрана Курск

Нуклеарна електрана, Фотоархива

Пожар изби во Нуклеарната електрана Курск откако руските вооружени сили соборија украински дрон кој летал во близина на електраната, соопшти прес-службата на електраната.

Дронот, еден од неколкуте за кои руските власти известија на 23 август, паднал врз помошен трансформатор, предизвикувајќи пожар кој бил изгаснат, а повредени нема, се наведува во соопштението на прес-службата.

„Борбеното беспилотно летало кое им припаѓа на Вооружените сили на Украина е соборено од страна на системите за противвоздушна одбрана во близина на Нуклеарната електрана Курск,“ се наведува во соопштението објавено на Телеграм.

„По ударот, дронот експлодирал, оштетувајќи го помошниот трансформатор,“ се додава во соопштението.

Видете и ова: Украина соборила 59 руски дронови во текот на ноќта

Повредени нема, но како последица на експлозијата, капацитетот на третиот блок од електраната е намален на 50 проценти, соопшти прес-службата.

Нивото на радијација на локацијата и во околината не ја надминало нормалната граница, се додава во соопштението.

Украина не се огласи веднаш.

Киев во последните неколку месеци ги засили нападите со дронови на територија на Русија како одговор на континуираните руски напади врз Украина. Тие напади, според наводите, се насочени кон уништување на инфраструктура што е клучна за воените напори на Москва.

Информациите прва ги објави руската федерална телевизиска мрежа РЕН ТВ (REN TV), која наведе дека трансформаторот не е дел од нуклеарниот сегмент на електраната, повикувајќи се на изјава од прес-службата на електраната. Не беше веднаш јасно во кој дел од електраната избувнал пожарот.

Нуклеарната електрана Курск се наоѓа 40 километри западно од градот Курск, регионалната престолнина, на брегот на реката Сеим. Првата единица е пуштена во работа во 1976 година. Останатите единици се додадени во 1979, 1983 и 1985 година, според наводите на прес-службата.