Четириесет и тригодишен родител е уапсен денеска (24 август), откако се случил инцидент на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на фудбалските клубови „Шкупи“ и „Брегалница“ на стадионот „Бело Брдо“ во Штип – соопшти МВР.
Полицијата информираше дека во инцидентот, повредени се двајца петнаесетгодишни фудбалери на ФК „Брегалница“.
– Денеска (24.08.2025) во СВР Штип било пријавено дека на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, за време на одигрување на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди – наведе Министерството за внатрешни работи.
Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош, се додава во соопштението на МВР.
Видете и ова: Спортскиот терен - политичка предизборна арена со националистички скандирањаИзвестен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави, наведе полицијата.
Денешниот натпревар бил прекинат при резултат 2:1 за Брегалница.
Реакција од ФК Брегалница
По инцидентот, овој фудбалски клуб реагираше преку писмено соопштение во кое побара ФФМ „детално да ја разгледа ситуацијата“.
-Денешното дерби во Втората лига го одбележа инцидентот (веќе неколку пати домаќинот е во улога на иницијатор) каде за малку посериозно не настрадаа судиите и нашите фудбалери. Иако без гледачи, неслужбени лица од таборот на домаќините беа тие кои го предизвикаа инцидентот, поради кој беше прекинат натпреварот – велат од ФК „Брегалница“ во соопштението.
Оттаму додаваат дека уште во првата минута имало „константни притисоци“.
„Во првото полувреме неколку неслужбени лица од домашниот табор вербално го нападнаа главниот судија Иванов, неговите помошници и дел од гостинските фудбалери. Причина за нападот беше судискиот свиреж при акција на домаќините бидејќи во моментот на теренот имаше две топки. Главниот судија, по правило, ја прекина играта за да се отстрани едната топка. На тоа бурно реагираа неслужбени лица кои влегоа во теренот и почнаа вербално да ги напаѓаат гореспоменатите лица“, нагласуваат од фудбалскиот клуб.
Оттаму реагираат и дека помошниот судија кој бил од страната на клупата на домаќините во текот на целиот натпревар бил изложен на напади, а поради тоа, „не можел да се фокусира на случувањата на теренот“.
Видете и ова: Националистички скандирања на навивачите на Шкендија за „Голема Албанија“ и „Илирида“Фудбалските терени не смеат да бидат поле за етнички и политички препукувања, а уште помалку место за демонстрација на насилство – порачуваат од ФК Брегалница.
Костова: Младите спортисти немаат минимум безбедност
Реакција за денешниот инцидент, преку писмено соопштение, пристигна и од потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
„Додека Панче Тошковски му тера кампања на Орце Ѓоргиевски, на нас штипјани денеска децата ни ги сокршија од ќотек на стадионот Бело Брдо. Нов ден, нов крах на безбедноста под водство на најнеспособниот министер за внатрешни работи во историјата на самостојна Македонија“, реагира Костова.
-Најостра осуда за денешниот инцидент на натпреварот меѓу младинските екипи на „Брегалница“ и „Шкупи“! Додека Тошковски се слика, младите спортисти немаат минимум безбедност, ниту можност за непречено спроведување на обичен фудбалски натпревар – се додава во реакцијата.