Притвор за таткото и забрана за играње за синот по инцидентот на мечот Брегалница - Шкупи

ФФМ

Притвор побара штипското Обвинителство за 43 годишниот Скопјанец кој на 24 август насилно влезе на спортски терен и повреди две 15 годишни момчиња кои играле фудбал во младинските фудбалски екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“.

Против него е поведена постапка за насилство, откако нападнал две момчиња нанесувајќи им телесни повреди, односно скрешен нос и набиеници.

„Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Беласица“, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Нападот се случил во 89-тата минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“.

„Незадоволен од одлуката, најпрво синот се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на „Брегалница“. Тогаш на теренот влегол таткото и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот“, соопштија од обвинителството.

Штипскиот јавен обвинител побарал од Судот да му се додели мерка притвор на осомничениот поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.

Видете и ова: Спортскиот терен - политичка предизборна арена со националистички скандирања

Во меѓувреме Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) соопшти дека повела дисциплинска мерка според која на младиот фудбалер од клубот Шкупи му е изречена санкција исклучување од фудбалската организација поради нанесување на сериозни повреди на играч од спротивен тим.

Во соопштението е наведено дека на синот на осомничениот му се приклучиле двајца соиграчи кои извршиле физички напад и нив им е изречена казна -забрана на играње во траење од три (3) месеци.

„ Дополнително, беше утврдено дека играч на ФК Брегалница 2008 се впуштил во груба игра и пречекорена самозаштита, реагирајќи на нападот. За неговата постапка, му е изречена казна – забрана на играње на четири (4) натпревари“, се вели во соопштението на ФФМ.

Дисциплинската комисија на ФФМ утврдила и одговорност кај двата младински фудбалски клубови.

Против ФК Шкупи 1927 е поведена дисциплинска постапка поради физички напад од родители/навивачи врз противнички играчи, со што е сторен тежок прекршок. Додека против ФК Брегалница 2008 е поведена дисциплинска постапка поради слаба организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето.

Во двата случаи евентуалните санкции ќе се однесуваат на конкретната екипа, помлади пионери учествувале на натпреварот.

Поведена е и дисциплинска постапка протов Алејса Виши, координатор на млади категории на ФК Шкупи 1927, затоа што во излажал, односно ФФМ го известил дека на натпреварот ќе присуствуваат шеф на стручен штаб и кондициски тренер кои воопшто не присуствувале на натпреварот Брегалница – Шкупи 1927.