Славески: Преземаме мерки за да ја симнеме инфлацијата под 3 проценти

Трајко Славески, гувернер на НБРМ

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески уверува дека се преземаат мерки за намалување на инфлацијата на ниво под три проценти, а во таа насока гледа охрабрувачки сигнали од страна на Владата.

„Навистина сакаме да се симнеме на инфлација под 3 проценти. Тука има охрабрувачки сигнали од страна на Владата, помалку популизам од аспект на притисоците за раст на платите. Најверојатно до крајот на годината ќе има напори, мерки, да се вклопи буџетот во рамки на она што е придвидено, буџетскиот дефицит од аспект на трошењето. Тоа е фискалниот аспект. А сето она што го правиме со дополнителни макропрудентни мерки како што ги нарекуваме, претпазливоста од аспект на основната каматна стапка на благајничките записи која што од јануари не ја имаме променето, сето тоа е во насока на некој начин на намалување на инфлацијата на едно прифатливо ниво. Тоа прифатливо ниво е кога нема да ги тангира луѓето. Ќе има блага ползечка инфлација секогаш да речеме од околу два проценти, којашто нема да ја перципираме и нема да влијае на нашите одлуки и очекувањата“, изјави Славески, по денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Видете и ова: Растот на економијата - реалност или на кредит?

Инфлацијата во Северна Македонија останува на релативно високо ниво. Во споредба со јуни годинава, месечната инфлација во јули изнесувала 1,1 процент. Индексот на малопродажните цени во јули во споредба со јуни, изнесува 103, 1 или укажува на пораст од 3, 1 отсто.

Гувернерот Славески потврди и дека системот на државава во рамки на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) ќе стане оперативен во текот на декември.

„Беше објавено дека од октомври и официјално влегуваме во СЕПА, ќе ни требаат заради подготовката на системот уште два месеца и до крајот на годината во текот на декември системот ќе стане оперативен“, рече Славески.

Видете и ова: Каков ќар ќе имаат граѓаните и бизнисот од системот за плаќање во евра

И ЕК наведува дека иако земјава бележи релативно стабилен фискален биланс за разлика од другите земји во регионот, каде трошоците ги надминале приходите, намалувањето на девизните резерви и инфлацијата што сè уште се движи во пораст остануваат ризици.

Во однос на пад на берзите во европските земји, Славески истакна дека нема причина за пренос на нашите пазари, а за поголема сигурност за инвеститорите ја истакна важноста од поврзувањето на пазарите на капитал во регионот.