Соединетите Држави по шести пат ја одложија примената на санкциите врз Нафтената индустрија на Србија (НИС), воведени поради учеството на Русија во сопственоста на компанијата, изјави во среда српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ.
„Санкциите врз НИС воведени на 10 јануари поради таканаречениот „секундарен ризик“ поради неговата поврзаност со рускиот Газпром Нефт, кој е под западни санкции поради руската инвазија на Украина, сега се одложени до 26 септември“, се вели во соопштението на Министерството за рударство и енергетика.
Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека со досегашното одложување на санкциите, Србија успеала да ја зачува енергетската безбедност и дека крајната цел е да се отстрани НИС од листата на санкции на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД, која, како што изјави, не зависи од Србија.
Видете и ова: САД ги одложија санкциите за Српската нафтена индустријаТаа изрази надеж дека продолжувањето на разговорите на високо ниво меѓу САД и Русија ќе придонесе за напредокот на целиот пакет американски санкции против руските компании, како и за договор што би можел да има позитивен ефект врз отстранувањето на неизвесноста во врска со НИС.
Откако НИС беше санкциониран во јануари, Газпром Нефт префрли околу пет проценти од својот удел на Газпром, руска компанија која не е опфатена со западните санкции, па сега уделот на Газпром Нефт во НИС е помал од 50 проценти.
Сега уделот на Газпром Нефт во НИС е околу 44,9 проценти, државата Србија има 29,9 проценти удел, а компанијата Газпром околу 11 проценти. Другите акции им припаѓаат на помали акционери.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во јануари изјави дека се бара „целосно излегување на Русија од сопственоста на НИС“, што ќе бара трансформација на сопственоста.
Директорот на компанијата „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, на почетокот на август изјави дека Србија ќе ја купи оваа компанија, но дека руската страна вели дека НИС не е на продажба.