Наставниците од средните училишта во државата до 12 септември можат да се пријават за напредна обука за примена на вештачката интелигенција во наставата - соопшти денеска (28 август) Министерството за образование и наука.
Обуката „AI во училница“ е наменета за наставници со основно познавање на дигитални алатки и активно владеење на англискиот јазик, и има за цел да им помогне да ја интегрираат вештачката интелигенција во сите фази на наставниот процес, од подготовка на часови до оценување.
Пријавувањето е отворено до 12 септември, а потоа ќе следи селекција и тестирање на кандидатите.
Обуката ќе започне на 1 октомври, се наведува во соопштението.
Видете и ова: Естонија прва во светот воведува четботови во училиштатаНаставниците што ќе ја поминат обуката ќе добијат бесплатен пристап до осум различни курсеви месечно со најсовремена и практична содржина, како и можност за стекнување на осум дигитални сертификати месечно дополнети со печатен сертификат за успешно завршување на целата програма.
Воведувањето на вештачката интелигенција во наставата беше најавено пред два месеца од страна на ресорната министерка, Весна Јаневска.
Таа тогаш истакна дека ваквата технолошка иновација стратешки и постепено ќе биде имплементирана во начинот на учење, спроведување на наставата и генерално во развојот на човечките ресурси.
„Препознаваме дека вештачката интелигенција не треба да го замени човечкиот фактор во образованието, туку да го дополни и унапреди“, истакна Јаневска на Меѓународниот самит за образовни технологии, што се одржа во Истанбул, од 20 до 22 јуни 2025 година, во организација на Министерството за национално образование и наука на Република Турција.