Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина распиша предвремени избори за претседател на Република Српска од редовите на српскиот народ, за 23 ноември.
Оваа позиција остана празна откако Централната изборна комисија му го одзеде мандатот на Милорад Додик на 18 август, врз основа на правосилна пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, со која е осуден на една година затвор и шест години забрана за извршување јавни функции поради неспроведување на одлуките на високиот претставник.
Додик одбива да се повлече од оваа функција.
Видете и ова: Изборната комисија на БиХ ќе одлучува за предвремени избори за претседател на Република СрпскаВо меѓувреме, Собранието на Република Српска усвои низа неуставни закони и заклучоци кои се однесуваат на одржување референдум во овој ентитет, на кој граѓаните треба да се изјаснат за пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против Милорад Додик и за одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ со која му беше одземен мандатот како претседател на РС.
ЦИК донесе одлука да распише предвремени избори за претседател на Република Српска од редовите на српскиот народ, бидејќи на двајцата потпретседатели (еден Бошњак и еден Хрват) не им беше одземен мандатот.
На седницата на ЦИК беше усвоен и заклучокот централниот избирачки список да се заклучи на 27 август оваа година во 24 часот. Во тој момент, право на глас во избирачкиот список има околу 1 милион и 266 илјади избирачи.
За одржување на предвремените избори за претседател на Република Српска потребно е да се издвојат 6 милиони и 490 илјади марки (околу 3,2 милиони евра).