Новите измени во Законот за безбедност на сообраќајот ќе донесат забрана за користење мобилни телефони и електронски уреди не само за возачите на моторни возила, туку и за пешаците и велосипедистите.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска (28 август) рече дека новите мерки се дел од проектот „Безбеден град“.
„Со измените се предвидува забрана за употреба на телефони и електронски уреди при управување со велосипед, мопед, мотоцикл, скутер, трактор и други возила, а истовремено и за пешаците при одење, преминување на коловоз или движење по велосипедска патека“, изјави Тошковски.
Во рамките на овој проект, сообраќајните прекршоци ќе се регистрираат со помош на улични камери. Како што најави Тошковски, тој ќе почне да функционира од 1 јануари 2026 година.
Видете и ова: „Безбеден град“ лови илјадници прекршоци дневно, казните чекаат законски измени„Најмалку еден месец пред официјалниот почеток ќе има тест-период, во кој граѓаните ќе бидат известувани за сторените прекршоци без изрекување казни. Со казнување ќе започнеме од 1 јануари“, рече ресорниот министер.
Системот за почеток ќе се имплементира во Скопје, Тетово и Куманово, а планирано е да опфати и делници од Коридор 8 и Коридор 10. До средината на 2026 година, според Тошковски, целата држава ќе биде покриена со камерите.
Министерот најави и заострување на законите, вклучително и измени во Кривичниот законик.
„Оние кои возат без возачка дозвола, под дејство на алкохол или дрога, или возат 90 километри на час над дозволеното, не заслужуваат да бидат дел од сообраќајот. Покрај парични казни, ќе има и затворски казни и трајно одземање на возилата“, нагласи тој.
Во 2024 година, во сообраќајни несреќи во земјава животите ги загубиле 142 лица.