ДИК: Досега 13 независни кандидати собираат потписи за локалните избори

Графичка илустрација - Локални избори 2025

Вкупно 13 независни кандидати за градоначалници до вчера (28 август) почнале да бараат поддршка од граѓаните преку собирање на потписи.

По еден кандидат има во Македонска Каменица, Куманово, Охрид, Дебарца, Дебар, Демир Капија, Македонски Брод, Кочани, Битола, Могила, Новаци, Демир Хисар и еден е кандидат за Град Скопје.

Сите кандидати ја подигнале својата кандидатура освен во Куманово каде постапката на собирање потписи е се уште во тек, стои во информацијата од Државната изборна комисија (ДИК) која ја пренесува агенцијата МИА.

Во пет општини се собираат потписи за советите на општините: Дебар, Кочани, Чешиново Облешево, Битола и Могила. Во Битола во тек е собирање потписи за советници, а во останатите општини листите со собрани потписи се подигнати.

Од ДИК наведуваат и дека засега нема голема разлика меѓу општините во однос на интересот за собирање потписи. Засега нема ниту информација за евентуални проблеми со постапката за собирање потписи во ниту едно подрачно одделение.

Видете и ова: Инфлацијата на кандидати може да ги поскапи изборите

Инаку, критериумите за учество на изборите за независни кандидати требаше да бидат утврдени со измени во Изборниот законик. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 16 август свика итна седница за измените, но предлогот не помина поради недостиг на Бадентерово мнозинство откако против гласаа пратениците на ДУИ.

Собранието ќе одржи уште две седници пред почетокот на кампањата за локалните избори, на 2 и на 12 септември, но нема најави за уште еден обид за менување на Изборниот законик.