Раководството на Иран разгледува низа контрамерки по одлуката на Франција, Германија и Обединетото Кралство - група позната како Е3 - формално да го активираат механизмот за автоматско повторно воведување на санкциите на ОН за „непочитување“ на нуклеарниот договор од 2015 година.
Членовите на тврдокорниот дел во раководството инсистираат на конфронтација: дополнителни ограничувања за инспекторите, забрзување на збогатувањето на ураниум, па дури и закани за бродските линии во Ормутскиот теснец. Некои предложија прекин на разговорите со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за преглед на соработката.
Една од најшироко дискутираните опции е повлекување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ). Други, пак, се за дијалог.
Одлуката на Е3, донесена само неколку недели пред истекот на нивниот мандат, го почнува рокот од 30 дена: доколку не се постигне компромис, сите санкции на ОН што беа укинати според нуклеарниот договор ќе бидат повторно воведени.
Видете и ова: Европските сили го активираа механизмот за враќање на санкциите на ОН врз ИранМинистрите на Е3 рекоа дека немале друг избор. Растечките – и непријавени – залихи на високо збогатен ураниум на Иран, заедно со построгите ограничувања за инспекторите, оставија малку простор за повторно ангажирање. Соединетите Американски Држави ја поздравија одлуката на европските сили.
Техеран ја осуди одлуката, нарекувајќи ја „неоправдана и нелегална“ и обвинувајќи ги Европејците за кршење на нивните обврски. Иран, исто така, вети дека ќе преземе „мерки“.
Повлекувањето од Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ) би бил еден од најдраматичните чекори. Потпишан во 1968 година, а во сила од 1970 година, договорот им забранува на државите што поседуваат нуклеарно оружје да ги делат своите арсенали и ги обврзува државите што немаат нуклеарно оружје да не го развиваат, а воедно им гарантира пристап нуклеарна технологија за мирнодопски цели. Иран се приклучи на договорот веднаш по неговото потпишување.
Повлекувањето би траело со месеци и во голема мера се смета за средство за притисок, а не за непосредна политика, но би имало голема симболика.
Тврдокорните пратеници во иранскиот парламент, каде доминираат конзервативци, веќе изготвија закон за „тројна итна постапка“ за да го забрзаат повлекувањето. Доколку биде поднесен, законот ќе биде разгледан, гласан и прегледан од страна на Советот на чувари во рок од еден ден. Тоа покажува колку брзо Техеран може да ја ескалира ситуацијата.
Е3 остави малку простор за дипломатски компромис, нудејќи му на Иран шестмесечно одложување од санкциите доколку го врати целосниот пристап на инспекторите и ги продолжи преговорите. Но, со економијата силно погодена од санкциите и неефикасното управување, како и со Русија и Кина кои не се во можност да го блокираат процесот бидејќи не можат да ги искористат своите вета, Техеран се соочува со тежок избор.
Иако дипломатски пробив во последен момент е теоретски можен, домашните политички околности и меѓународниот скептицизам го прават таквиот исход малку веројатен - особено имајќи го предвид колебањето на Иран да остави впечаток дека попушта под притисок.