Мерц предупредува дека војната во Украина може да трае со „месеци“

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, 29 август 2025 година.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска (29 август) изјави дека војната на Русија против Украина може да трае со „месеци“, и покрај најновите напори предводени од САД за прекин на конфликтот.

Зборувајќи заедно со францускиот претседател Емануел Макрон во Франција, Мерц рече дека нема „илузии“ за можноста за брз крај на војната и вети: „Нема да ја напуштиме Украина“.

Мерц рече дека „не е изненаден“ од повторените одложувања на Кремљ во врска со обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да организира директни разговори меѓу рускиот лидер Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски.

„Ова е дел од стратегијата на овој руски претседател“, рече тој.

Видете и ова: Зеленски вели дека рускиот напад на Киев е „удар врз претседателот Трамп“

„Уште на почетокот на оваа недела стана јасно дека претседателот Путин не е подготвен да се сретне со претседателот Зеленски и дека поставил предуслови кои се целосно неприфатливи“, додаде тој.

Германскиот канцелар, исто така, изјави дека зачувувањето на единството меѓу сојузниците на Украина во таканаречената „коалиција на оние што се волни“ е една од нашите „најитни задачи“.

Претседателот Трамп одржа самит со Путин во Алјаска на 15 август. После тоа, тој беше домаќин на украинскиот претседател Зеленски и европските лидери во Белата куќа на разговори. Американскиот лидер постави рок од две недели за да види како ќе се однесуваат страните, по што ќе одлучи за понатамошните чекори.