Американската Апелација пресуди, царините на Трамп се нелегални

Американскиот претседател Доналд Трамп во Белата Куќа, Вашингот, архивска фотографија

Американскиот Апелационен суд на 30 август пресуди дека многу од царините што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп се нелегални.

Во исто време, Судот дозволи царините да останат на сила до средината на октомври, за да може американскиот претседател да има доволно време „да се бори пред Врховниот суд“.

Пресудата го потврди заклучокот на понискиот суд дека Трамп „ги пречекорил своите овластувања“ со користење на вонредни економски овластувања за воведување широк спектар на царини, објави новинската агенција Франс прес.

По објавувањето на пресудата, Трамп остро ја критикуваше одлуката на Судот на неговата платформа „Truth Social“ и објави дека ќе се бори „со помош на Врховниот суд на САД“.

„Апелациониот суд донесе неправилна одлука за нашите царини дека треба да бидат укинати, но тие знаат дека Соединетите Американски Држави на крајот ќе победат“, рече Трамп.

Видете и ова: Стапува во сила одлуката на Трамп за двојно зголемување на царините за Индија

Пред пресудата, претставници на администрацијата на Трамп изјавија дека прогласувањето на царините за нелегални и нивното блокирање би ѝ наштетило на надворешната политика на САД.

„Таквата пресуда би ги поткопала пошироките стратешки интереси на САД дома и во странство, што веројатно би довело до одмазда и раскинување на договорените договори од страна на странските трговски партнери“, рече американскиот министер за трговија Хауард Лутник.

Царините на американската администрација стапија во сила на 7 август, за увоз од десетици земји, во опсег од 10 до 50 проценти.

Тоа значи дека компаниите што увезуваат странска стока во САД ќе мора да плаќаат даноци на владата, а експертите велат дека тие компании би можеле да ги префрлат трошоците на потрошувачите. Меѓу 90-те земји низ светот, новите царини важат и за земјите од Западен Балкан.