Премиерот Христијан Мицкоски не се согласува со предлогот на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче за донесување на нова декларација во Собранието со „црвени линии“ во контекст на евроинтеграциите, за ако има ново вето, да се стави крај на преговорите.
Филипче во ТВ интервју изјави дека пратениците во Собранието треба да донесат заедничка резолуција за евроинтеграциите со „црвени линии“ и дека доколку се повтори вето од Бугарија да се прекинет преговорите со ЕУ. Тој посочи дека Владата води неискрена политика во однос на европските интеграции и свесно го пролонгира процесот.
„Сметам дека нема никаква намера да се направи чекор напред кон евроинтеграциите. Тоа што ние сме го прифатиле францускиот предлог е затоа што таков предлог дојде подготвен од Европската Унија и ни беше јасно дека друга шанса нема да имаме,,“ изјави Филипче за Сител.
Според Мицкоски, идејата за заедничка декларација со „црвени линии“ е само нова „итроштина“.
„Мислам дека СДСМ и ДУИ го потценуваат народот и граѓаните и играат на картата на кратка меморија. Јас ќе ги потсетам дека тие имаа таква декларација во Собранието, да не прифаќаат ултиматуми од Софија, па прифатија сѐ. Имаше и една декларација во Парламентот дека нема да има промена на името, па знаете што правеше СДСМ. Исто така ќе ве потсетам дека ќе ги почитуваа резултатите од референдумот, а потоа не ги почитуваа кога беше неуспешен“, рече Мицкоски.
СДСМ, рече Филипче, дава бланко поддршка доколку Владата издејствува подобри услови.
Според МИцкоски, остануваат само предавството, криминалот и неколкумина поранешни членови во Владата на СДСМ и ДУИ што се ултрамилионери, а граѓаните можат да видат со каков недвижен и движен имот располагаат тие во земјава и во странство.
И поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи е против нови декларации. Вели дека, најдобриот пат за да нема ново вето е да се почитуваат договорите. Побара и да се постигне договор, темата ЕУ да не се користи во изборната кампања.
„Ајде да потпишеме договор сите политички партии дека за тема Европска унија нема да се критикуваме, нема да се напаѓаме, ќе ја преземеме заеднички одговорноста. И ајде да ги почитуваме договорите, бидејќи тие не штитат нас“ изјави Османи.
Видете и ова: Ако нема реформи до 2027, парите од Планот за раст ќе се вратат во ЕУВо меѓувреме, причината за дебата за потреба од декларација за „црвени линии“ се однесува на последното вето од соседна Бугарија на македонскиот евроинтегративен пат. Односите меѓу двете соседски земји во последните години се затегнати. Бугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
При последната посета на Скопје еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека за Европската комисија ситуацијата е јасна и ги повтори пораките што и претходно беа испраќани во однос на македонските евроинтеграции – „ако Северна Македонија ги исполни заложбите и го промени Уставот тогаш веднаш ќе се започне со Меѓувладина конференција без какви било дополнителни политички условувања“.