Невреме во Скопје: паднати покриви, оштетени возила и пожари

Во невремето во скопската Општина Ѓорче Петров, падна кров од дваесетметарска зграда, под чии остатоци се заробени две возила.

По силното невреме проследено со интензивни ветрови, во повеќе делови од градот Скопје се предизвикани материјални штети и регистрирани пожари. Граѓани на социјалните мрежи објавуваат фотографии од паднати и откорнати дрвја, но и од паднати лимени покриви.

Таква е сликата во скопките општини Чаир, Ѓорче Петров и Карпош, каде што граѓани сведочат дека лимени покриви „одлетале“ при што завршиле врз паркинзи и пешачки патеки.

Во невремето проследено со силен ветер во скопската Општина Ѓорче Петров, на улицата Македонска Војска падна кров од дваесетметарска зграда, под чии остатоци се заробени две возила.

Видете и ова: Силниот ветер го прекина Охридскиот маратон

Градоначалникот на Општината Александар Стојкоски изјави за новинската агенција МИА вели дека механизацијата е на терен и се чека да заврши увидот, по што ќе започне расчистувањето на остатоците. Во овој дел од општината е исклучена и електричната енергија. Повредени лица нема, но има голема материјална штета.

Засега нема официјални информации за повредени.

Центарот за управување со кризи соопшти дека дежурните служби се на терен и ја проценуваат состојбата.

„Ги повикуваме граѓаните кои имаат претрпено материјални штети или воочат дополнителни ризици, веднаш да се јават на бројот за итни повици 112“, информираат од ЦУК.

Пријавени се и пожари во Стопански Двор, којшто е изгаснат, како и во Волково.