Моди: Индија е посветена на подобрување на односите со Кина

Индискиот премиер Нарендра Моди се ракува со кинескиот претседател Си Џинпинг за време на состанокот на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Тјанџин, Кина, 31 август 2025 година.

На средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека Њу Делхи е посветен на подобрување на односите со Пекинг. Лидерите разговараа за потребата од проширување на трговските и инвестициските врски во контекст на американските царини.

Моди е во Кина за прв пат по седум години за да присуствува на дводневен состанок на Шангајската организација за соработка, заедно со рускиот претседател Владимир Путин и други лидери од Централна, Јужна и Југоисточна Азија и Блискиот Исток, во знак на солидарност од глобалниот Југ. Средбата меѓу кинеските и индиските лидери беше организирана на маргините на самитот.

Кинескиот претседател Си изјавил дека Кина и Индија треба да бидат партнери, а не соперници, додека Моди додал дека сега меѓу нив има „атмосфера на мир и стабилност“.

Билатералната средба се случи пет дена откако Вашингтон воведе царини од 50 проценти за индиските стоки поради купувањето руска нафта. Аналитичарите велат дека Си и Моди се стремат да претстават обединет фронт против притисокот од Западот.

Лидерите разговараа и за проширување на заедничките интереси за билатерални, регионални и глобални прашања, како и за предизвици како што се тероризмот и трговијата на мултилатерални платформи.

„Ние сме посветени на унапредување на нашите односи врз основа на меѓусебно почитување, доверба и чувствителност“, изјави Моди.

Видете и ова: Путин во Кина и уште пет работи што треба да се следат на овогодинешниот самит на ШОС


Моди смета дека е создадена атмосфера на „мир и стабилност“ на спорната хималајска граница, местото на долготрајна воена криза по смртоносните судири на војниците во 2020 година, кои ја замрзнаа поголемиот дел од соработката меѓу Кина и Индија.

Тој додаде дека е постигнат договор меѓу двете земји за управување со границите, без да образложува. Соседите делат граница долга 3.800 километри, која е лошо обележана и е спорна од 1950-тите.

„Не смееме... да дозволиме прашањето на границата да ги дефинира сите односи меѓу Кина и Индија“, рече Си, според извештаите на кинескиот државен медиум Ксинхуа.

Кинеско-индиските врски би можеле да бидат „стабилни и далекусежни“ доколку двете страни се фокусираат на тоа да се гледаат едни со други како партнери, а не како соперници, додаде Си.

Моди објави дека директните летови меѓу двете земји, кои беа суспендирани од 2020 година, ќе продолжат.