Гори депонијата Вардариште, превентивно исклучени неколку далноводи

Пожар во скопско Вардарише во близина на населбата Лисиче

Пожар ја зафати депонијата Вардариште во близина на скопската населба Лисиче. Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) потврдуваат дека пожарот настанал попладнево.

„Денес попладне изби пожар во депонијата Вардариште. Од безбедносни причини исклучени се неколку далноводи поради што без напојување со електрична енергија останаа делови од населбите (или цели населби) Аеродром, Лисиче, Методија Андонов Ченто, индустриската зона, Кванташки пазар, Арачиново, Стајковци, Трубарево и Бунарџик. Поради обемот на пожарот и опасноста да се прошири надвор од депонијата како помош на БППЗ Скопје се испратени еден БТР, еден хермелин и еден тим на ДЗС. Далноводите ќе бидат пуштени по санирањето на пожарот“, се наведува во соопштението од ДСЗ.

Според Дирекцијата, „постојат сомневања дека се работи за намерно предизвикано палење на депонијата Вардариште“.

Видете и ова: Невреме во Скопје: паднати покриви, оштетени возила и пожари

Според последните информации објавени од Центарот за управување со кризи на целата териоторија на државата утрово биле евидентирани четири пожари на отворено кои се ставени под контрола.

Станува збор за пожари во општината Македонски брод каде што на подрачјето Јасен горела мешана шума, потоа на планината Кожуф, и во општините Долнени и Делчево каде што била запалена градската депонија.