Мицкоски и Христовски тврдат дека имало незаконско следење, детали не откриваат

Илустрација.

На одбележување на Денот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) – 1 септември, премиерот Христијан Мицкоски и директорот на оваа институција, Бојан Христовски, излегоа со тврдења дека во земјава имало незаконско следење, но детали не споделија.

На новинарско прашање како ги коментира информациите дека лично тој бил следен и прислушуван, премиерот посочи дека не би можел да зборува за детали, дека тоа е „државна тајна“ и така биле класифицирани и документите.

„Но, факт е дека двете агенции, и Агенцијата за разузнавање и АНБ темелно се занимавале со претседателот на, во тоа време, најголемата опозициска партија т.е. со мене, меѓу другото и со новинари, бизнисмени. Така што да оставиме периодот процесот да тече, да видиме што ќе каже обвинителството и судиите во еден судски процес“, изјави Мицкоски.

Мицкоски рече дека е „навикнат на таков тип на луѓе“ и оти очекува овие, како што ги нарече, „глодари“ да завршат зад решетки и еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребите на безбедносните агенции за вакви цели.

Видете и ова: „Вечниот“ страв дека некој прислушува

Повеќе детали не откри ниту актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, освен што меѓу виновниците посочи еден поранешен директор на Агенцијата.

„Тоа што се случувало внатре било да една помала група составена од еден поранешен директор и помала група вработени во институцијата, и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното Јавно обвинителство и повеќе детали за ова не можам да споделам бидејќи се работи за детали кои се со виска класификација и се сензитивни“, рече Христовски додавајќи дека не сака да наруши некаков законски процес или евентуална истрага што би била отворена во иднина.

За тоа колкава група на луѓе биле прислушувани и следени, директорот не даде одговор туку им посочи на новинарите да се обратат до Јавното обвинителството.

ВМРО-ДПМНЕ како опозиција тврдеше дека во земјава продолжило незаконско следење и прислушувања, а истите обвинувања ги изнесе и по преземањето на власта по парламентарните избори во мај 2024 година.

Денеска, директорот на АНБ, обвини дека Агенција со која раководи, а чии ресурси биле злоупотребени, во пракса не доживеала никаква реформа туку сето тоа било само „фасада“.

Оваа Агенција започна со работа на 1 септември 2019 година откако во Северна Македонија беше спроведена реформа во безбедносно-разузнавачкиот сектор. Тоа значеше одземање на ингеренции за следење на комуникациите од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во рамки на МВР и формирање на Оперативно-техничката агенција (ОТА) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Видете и ова: „Големото уво“ остана неказнето

Реформите следуваа откако во 2016 година, СДСМ како опозиција го започна проектот „Вистината за Македонија“ обелоденувајќи ја аферата со незаконското следење на комуникациите за што почна да објавува и прислушувани разговори т.н. бомби. За аферата беше отворена и истрага, а потоа следуваше и судски процес кој во јавноста беше познат под името „Таргет-Тврдина“. Според обвинението за случајот, со прислушувањето нелегално биле таргетирани над 5.000 телефонски броеви, а опфатени биле над 20.000 граѓани.

Но, овој судски процес заврши неславно бидејќи кривични дела на обвинетите за прислушувањето застареа и случајот не дочека изрекување правосилна пресуда.