Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска (1 септември) изјави дека Црна Гора би можела да стане првата земја што следна ќе се приклучи на Европската Унија во 2028 година, а Албанија би можела тоа да го направи во 2029, пренесе агенцијата Бета.
На панел за проширувањето на ЕУ на Бледскиот стратешки форум, Кос порача дека вклучувањето на нови земји во Унија не е само зголемување на територијата на блокот или бројот на жители, туку и нејзина заштита од надворешни влијанија.
„За мене, процесот на проширување денес е еден вид обединување на Европа, какво што никогаш не сме имале во историјата“, рече Кос.
Таа ја истакна важноста на лидерството на патот кон членство во ЕУ, како и порешителното спроведување на реформите во земјите-кандидати.
Видете и ова: ЕУ одобри осум милиони евра за Северна Македонија од Инструментот за раст за Западен БалканКако позитивни примери еврокомесарката ги наведе црногорскиот и албанскиот премиер, Милојко Спајиќ и Еди Рама, и рече дека е оптимист во врска со влезот на овие земји во ЕУ.
„Напредуваме со Црна Гора и можно е, доколку го завршиме техничкиот дел од преговорите во 2026 година, таа да стане 28-ма членка на Европската Унија во 2028 година“, рече Кос, додавајќи дека Албанија би можела да се приклучи на ЕУ во 2029 година.
Говорејќи на панелот, албанскиот премиер, пак, оцени дека влезот на земјите од Западен Балкан во ЕУ ќе ја направи организацијата „посилна и покомпактна“, додека црногорскиот шеф на владата ја нагласи важноста на компромисот во оваа мултиетничка држава.
„Ако ЕУ се прошири за да нè вклучи и нас, таа ќе биде посилна и покомпактна. Зошто? Затоа што нема да остави ниту еден дел отворен за вируси, микроби, напади и инфекции“, рече Рама.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб ги повика земјите од Западен Балкан да го искористат „отворениот прозорец“ за пристапување кон ЕУ, кој го отвори војната во Украина.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова: Блокадата на евроинтеграциите е сериозен безбедносен ризик за Западен Балкан и ЕУГолоб, исто така, зборуваше за тоа како да се избегнат евентуални блокади од страна на поединечни земји на патот кон проширување на ЕУ.
„Формулата 26 или 27-1 веќе функционираше, па би можела да функционира и во овие случаи“, рече Голоб.
Бледскиот стратешки форум, која традиционално се одржува во Блед, Словенија, кон крајот на август или почетокот на септември, собира учесници од различни области за размена на мислења и идеи за надминување на сегашните и идните предизвици.