Продолжува потрагата по загинатите во земјотресот во Авганистан

Фотографијата прикажува оштетена куќа по земјотрес во селото Мазар Дара во округот Нургал, покраина Кунар, источен Авганистан, 1 септември 2025 година.

Од Џалалабад денеска (2 септември) продолжија спасувачките операции со хеликоптери во обид да се стигне до селата во епицентарот на земјотресот што го погоди Авганистан.

Нивна задача е да ги пренесат повредените во регионалната болница во овој источен авганистански град, јави Би-Би-Си.

Според локалното население, многу луѓе сè уште се заробени под урнатините. Во планинскиот терен на Кунар, пристапот по пат до погодените области е тежок дури и во најдобри временски услови. Ќе бидат потребни денови за да се процени целосниот обем на катастрофата.

Талибанската влада апелираше за меѓународна помош.

ОН ослободија итни средства, додека Велика Британија вети помош од 1 милион фунти (1,3 милиони долари), нагласувајќи дека парите нема да одат во рацете на Талибанците.

Индија испрати храна и материјали за помош, вклучувајќи шатори. Кина, исто така, вети поддршка.

Видете и ова: Стотици луѓе настрадаа во земјотрес во Авганистан

Земјотрес со јачина од 6 степени ја погоди источната авганистанска провинција Кунар, со епицентар на само 27 километри оддалеченост од градот Џалалабад, петти по големина град во земјата.

Бројот на загинати од земјотресот се искачи на над 1000 луѓе, додека над 3500 лица се повредени.

Според талибанската влада, некои села се целосно уништени. Оддалеченоста на областите погодени од земјотресот го отежнуваат пребарувањето и спасувањето. Се стравува дека многу луѓе се заробени под урнатините