Автопревозниците во БиХ постигнаа договор со властите, најавено повлекување на возилата од протестот

Босна и Херцеговина – Камиони блокираа пат во близина на Добој за време на протест организиран од страна на превозниците, 2 септември 2025 година.

Постигнат е договор меѓу претставниците на автопревозниците и претставниците на власта во Босна и Херцеговина, соопшти попладнево тамошниот Авто-мото клуб.

Велибор Пеулиќ, главен координатор на Конзорциумот „Логистика БиХ“, коj ги обединува автопревозниците, во изјава за новинската агенција Срна, рече дека превозниците го прекинале штрајкот бидејќи се исполнети сите барања.

Со министерот за финансии и трезор во Советот на министри, Срѓан Амиџиќ го решаваме прашањето за поврат на ДДВ, но и тоа го усогласивме“, изјави Пеулиќ, пренесува Срна.

Тој додаде дека ќе работат со Управата за индиректно оданочување на БиХ, на намалување на времето на задржување на превозниците на царинските терминали.

Видете и ова: Автопревозниците во БиХ почнаа протест поради високите давачки и бирократските пречки

Во изминатите два дена, автопревозниците ги блокираа царинските терминали и пристапите кон најголемите градови поради, како што велат, дискриминација и во Европската унија, и во БиХ.

Меѓу другото, бараа намалување на давачките, како и поедноставени правила за обука и вработување на возачи.

Министерот за транспорт на БиХ, Един Форто, изјави на 1 септември дека барањата на автопревозниците, главно се исполнети, дека некои од нив треба да ги исполнат пониските нивоа на власт, додека клучното – изземање на возачите од правилото на ЕУ за престој од 90 дена во шест месеци – може да се реши само со заедничко барање на земјите од регионот до Брисел.

Блокадата на главните сообраќајни правци од страна на камионите ја парализираше економијата на Босна и Херцеговина, која за 24 часа изгуби најмалку 16 милиони евра.

Толку, во просек, дневно се наплатуваат даноци, царини и транспортни услуги за увоз и извоз.

Според податоците на Агенцијата за статистика на БиХ, во првите четири месеци од оваа година со камиони биле извезени 1,53 милиони тони стока, а увезени 118.600 тони, или околу 464 милиони евра вредна стока неделно.