Копенхашките критериуми во минатото овозможија многу успешно проширување на ЕУ и процесот на прием на нови членки треба да продолжи да се гради врз нив, бидејќи владеењето на правото и демократската отпорност се клучни за кредибилен процес на проширување, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос.
„Нашата Унија е отворена и тие врати ќе останат отворени за оние кои целосно, праведно и транспарентно ќе ги исполнат Копенхашките критериуми“, истакна Кос на заедничката прес-конференција со данската министерка за европски прашања Мари Бјере и еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт по завршувањето на неформалниот состанок на министрите за европски прашања на членките на ЕУ и на кандидатите за членство во Копенхаген.
Кос додаде дека ако ЕУ сака да стане посилна ќе мора процесот на проширување да го базира на заслуги и на објективниот напредок постигнат од секоја земја кандидатка, при што приемот на секоја од нив ќе зависи од темпото на спроведување на реформите.
Еврокомесарката истакна дека во случајот на Северна Македонија „штом Владата ќе го промени Уставот“ ќе може да продолжи нејзиниот пристапен процес.
Видете и ова: Евробарометар: 70 отсто од македонските граѓани поддржуваат членство во ЕУТаа нагласи дека на средбата разговорите се фокусирале на тоа како проширувањето ја зајакнува безбедноста на Европа и на условите за успешно спроведување на реформи за членство, со цел граѓаните на идните земји членки да ги почувствуваат придобивките од ЕУ уште пред зачленувањето на нивните земји во Унијата.
„Проширувањето некако се вплетка во геополитичкиот натпревар помеѓу слободните демократски општества, од една и авторитарните режими, од друга страна“, изјави Кос.
Еврокомесарката Кос истакна дека на состанокот се разговарало и за начините за напредок во преговорите за пристапување и покрај „билатералните загрижености на некои земји членки околу преговарачките рамки и одлуките на Советот“.
„Во овој поглед, Комисијата веќе поедностави одредени чекори во пристапните преговори во рамките на ограничувањата на методологијата за пристапување, но секако е отворена и за понатамошни подобрувања, под услов за тоа да се добие согласност од Советот“, рече Кос.
Таа се осврна и на објавените резултати од истражувањето на Евробарометар за проширувањето, нагласувајќи дека загриженост околу безбедноста по избувнувањето на војната во Украина резултирала со растечкиот тренд на јавна поддршка за пристапниот процес.
Сепак, според неа, паралелно со проширувањето мора да се работи и на подготовка на ЕУ за приемот на нови членки.