Руте: Очекувам „јасна претстава“ за европскиот придонес кон гаранциите за Украина

Шефот на НАТО, Марк Руте

Шефот на НАТО, Марк Руте, изјави дека очекува разговорите меѓу европските лидери во Париз да ги зацврстат плановите за безбедносни гаранции за Украина и да го отворат патот за добивање појасна слика за вмешаноста на Соединетите Држави.

„Утре ќе биде важен состанок, па очекувам утре, или наскоро по утре, да имаме јасна претстава за тоа што можеме колективно да постигнеме“, изјави Руте пред новинарите.

„Тоа значи дека можеме да се ангажираме уште поинтензивно, исто така и со американската страна за да видиме што сакаат да постигнат во однос на нивното учество.“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на разговорите во Париз во четврток (3 септември) со лидерите од таканаречената „Коалиција на подготвените“.

Предводена од Франција и Велика Британија, групата од околу 30 земји има намера да обезбеди поддршка за војската на Киев и евентуално да распореди дел од своите војници во Украина, ако и кога ќе се договори прекин на огнот.

Распоредувањето би имало за цел да ја одврати идната руска агресија.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги поттикнува напорите за завршување на војната, изјави дека Вашингтон би можел да игра улога во поддршката на Европејците. Сепак, тој ја отфрли можноста за испраќање на американски војници на терен, а кои точни обврски би бил подготвен да ги даде остануваат нејасни.

Видете и ова: Трамп: Многу сум разочаран од Путин, оваа војна нема смисла

Дипломатите за АФП изјавија дека европските земји во коалицијата биле притиснати да излезат со конкретни детали за тоа што би можеле да придонесат на состанокот на воените началници минатата недела.

Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон во вторник соопшти дека сега има „доволен придонес за да можеме да им кажеме на Американците дека сме подготвени да ги преземеме нашите одговорности сè додека тие ги преземат своите - што значи давање „заштита“ на европските партнери.

Таа „заштита“ би можела да вклучува различни аспекти, вклучувајќи разузнавање, логистичка поддршка и комуникации.

Трамп досега залудно се обидуваше да организира самит меѓу претседателите Владимир Путин и Володомир Зеленски, откако го постави црвениот тепих за рускиот лидер во Алјаска минатиот месец.

Во вторник, Трамп рече дека е „многу разочаран“ од Путин што не успеа да се придвижи кон мировен договор за Украина.