Изборната комисија на Република Српска одбива да учествува во предвремени претседателски избори

Милорад Додик, поранешен претседател на Република Српска, август 2025 година.

Изборната комисија на ентитетот Република Српска(РС) на 3 септември донесе одлука дека нема да спроведува предвремени избори за претседател на РС, наведувајќи дека постапува врз основа на заклучоците неодамна усвоени од Народното собрание на тој ентитет.

Изборите беа објавени за 23 ноември од страна на Централната изборна комисија(ЦИК) на Босна и Херцеговина(БиХ), откако оваа комисија на 18 август му го одзеде мандатот на доскорешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, врз основа на конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина.

Судот го осуди Додик на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавни функции поради неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит.

Претседателот на Комисијата, Оливер Благојевиќ, изјави дека „заклучоците на Собранието на РС ќе бидат целосно почитувани“, нагласувајќи дека одлуката е донесена на вонредна телефонска седница.

„Очекувам дека другите власти, и на ниво на РС и на општинско ниво, ќе ги почитуваат парламентарните заклучоци поврзани со предвремените избори и сè друго“, рече тој во изјава за Радио-телевизијата на Република Српска (РТРС).

Видете и ова: Република Српска пред избори: Кој ќе учествува, а кој ќе бојкотира?

На 22 август, Народното собрание на Република Српска усвои заклучоци кои меѓу другото, се спротивставуваат на одржувањето предвремени избори за претседател на РС и бараат сите институции во тој ентитет да не преземаат активности поврзани со распишувањето на изборите.

На прашањето од Радио Слободна Европа (РСЕ) да ја коментира оваа одлука, портпаролката на ЦИК на Босна и Херцеговина, Максида Пириќ, рече дека Изборната комисија на РС „дури нема овластување да спроведува избори за претседател на РС“.

Како што рече, тоа го прават општинските и градските изборни комисии и нивната надлежност е во согласност со законот.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина е одговорна за организирање и спроведување на сите избори во БиХ - општи, локални и предвремени избори, додека, според Изборниот закон на Босна и Херцеговина, таа ја одредува и надлежноста на ентитетските комисии.

Изборната комисија на РС е одговорна за постапките за импичмент на градоначалници и раководители на општините, како и за спроведување на избори за совети на локалните заедници во градовите и општините.

Во април минатата година, властите во РС го усвоија Изборниот закон на Босна и Херцеговина со кој имаа намера да ги присвојат надлежностите на државата врз изборите во РС.

Уставниот суд на Босна и Херцеговина овој закон го прогласи за неуставен и го поништи.

Од крајот на војната во 1995 година, ентитетите во БиХ никогаш немале надлежност над спроведувањето на избори во земјата, ниту пак надлежноста на ентитетите над изборите е спомената во Уставот на БиХ.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина распиша предвремени избори за претседател на Република Српска од редовите на српскиот народ, за 23 ноември.