Европската комисија предложи повеќе од двојно да се зголеми износот на пари од заедничкиот долгорочен буџет на Европската унија (ЕУ) за финансирање на Гренланд како одговор на геополитичката трка за влијание врз арктичкиот остров, јави агенцијата ДПА.
Доколку членките на ЕУ го одобрат предлогот, Гренланд би добил 530 милиони евра во периодот од 2028 до 2034 година, во споредба со 225 милиони евра за тековниот период 2021-2027 година.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп постојано ја изразува својата желба да ја преземе контролата врз островот, кој е претежно автономен, но е дел од Данска, членка на ЕУ.
Претседателот на САД верува дека Гренланд е стратешки важен и за одбраната и како извор на минерално богатство.
Дополнителните пари планирани од Европската комисија би биле наменети за финансирање на соработката со ЕУ во однос на критичните суровини и енергија, рече комесарот за правда на ЕУ, Мајкл Мекграт.
Зголемувањето на предложеното финансирање е политички сигнал што ја одразува растечката стратешка важност на прекуокеанските територии на ЕУ, рече Мекграт.
ЕУ има 13 прекуокеански територии кои се уставно поврзани со Данска, Франција или Холандија, вклучувајќи ги Гренланд во Атлантикот, Француска Полинезија во Пацификот и Аруба на Карибите.
Комисијата планира да го зголеми заедничкото финансирање на ЕУ за овие субјекти на речиси една милијарда евра.
Гренланд, најголемиот остров во светот богат со ретки минерали важни за високотехнолошката индустрија, со години е предмет на стратешките интереси на САД, Кина и Русија.