Русија не планира да разговара за распоредувањето на странски војници во Украина во кој било формат и тоа го смета за неприфатливо, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова за новинарите.
Тоа беше нејзиниот коментар за изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за плановите за испраќање европски сили во Украина, идеја што беше отфрлена и од Германија, објави Ројтерс.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“ во неделата, фон дер Лајен изјави дека Европа прави „прилично прецизни планови“ за распоредување на мултинационални сили во Украина како дел од повоените безбедносни гаранции што ќе бидат поддржани од САД.
„Русија нема да разговара за странска интервенција во Украина во кој било формат, што е фундаментално неприфатливо и претставува закана за секоја форма на безбедност“, истакна Захарова.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, ги отфрли изјавите на фон дер Лајен во вторник.
„Нема прецизни планови за воена акција, барем не во Германија“, рече Мерца.
„Европската Унија не е одговорна за донесување одлуки за воена поддршка на Киев“, истакна тој и додаде дека ова е прашање за „Коалицијата на подготвените“, поширока група западни сојузници на Украина.
Видете и ова: Шест месеци подоцна, дали „Коалицијата на подготвените“ ќе претстави план за Украина?Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретне со Фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и лидерите на Германија, Франција и Обединетото Кралство во четврток во Париз.
Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, политичарите на чело на „Коалицијата на подготвените“, околу 30 претежно европски земји сојузнички на Украина, се обидуваат да смислат цврста понуда од Европа за заштита на Украинците од потенцијален иден руски напад, откако ќе се постигне мировен договор.
Украина, која верува дека Русија ќе се обиде повторно да изврши инвазија дури и ако се најде решение за тековната војна, повикува на европски мировни сили и одбранбени гаранции слични на оние на НАТО, кога нејзиното членство во Алијансата веќе се разгледува.
Русија, која го смета проширувањето на НАТО кон своите граници за една од „коренските причини“ за сегашниот конфликт, категорично ги отфрла повеќето од овие сценарија и сака нејзините барања да бидат земени предвид.