Будимпешта ја игнорира одлуката на Судот на БиХ, Сијарто му се обраќа на Додик како претседател

Милорад Додик (лево) на прес-конференција со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, Будимпешта, 4 септември 2025 година.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, се сретна со Милорад Додик во Будимпешта денеска (4 септември), обраќајќи му се со „г-дине претседателе“, иако неговиот мандат е официјално одземен.

Унгарскиот министер за надворешни работи изјави дека Унгарија ја почитува волјата на народот кој „ги избрал своите лидери демократски на избори“.

Додик повеќе не е претседател на босанскиот ентитет Република Српска (РС), по пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот.

Унгарските власти имаат добри односи со Додик, а официјална Будимпешта ги блокираше сите обиди на Европската Унија да го санкционира.

„Веруваме дека ставот кон лидерите на Западен Балкан, кој подразбира санкции, омаловажување, дека ова не смее да биде решение, не смее да биде однесување што се применува во меѓународната политика“, рече Сијарто.

Тој додаде дека странското влијание на Западен Балкан традиционално доведува до дестабилизација.

Во врска со нелегалниот референдум за пресудата на Додик, планиран од властите на ентитетот, тој рече дека ниту тие, ниту Брисел не треба да имаат збор во тоа каква ќе биде иднината на РС.

Видете и ова: Изборната комисија на Република Српска одбива да учествува во предвремени претседателски избори

Собранието на РС распиша референдум за 25 октомври за непризнавање на одлуките на Судот на БиХ, ЦИК и високиот претставник, иако Уставниот суд на БиХ претходно нагласи дека пониските нивоа на власта не можат да организираат референдуми за државни прашања.

Зборувајќи пред знамињата на БиХ и РС, Додик ги повтори своите претходни тврдења дека БиХ е „земја проблем и случај“ и рече дека Дејтонскиот договор не бил во интерес на многу „американски администрации и канцеларии во Брисел“ од самиот почеток.

„Како договорна страна, ја донесовме РС во БиХ, а БиХ не беше желба за нас, туку неопходност“, рече Додик.

Тој ги повтори и своите претходни барања Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) да ја напушти земјата и рече дека „ако работите тргнат на лошо за нас“, РС ќе донесе одлука за независност.