Со 14 набљудувачи ОДИХР од утре почнува да ги следи локалните избори

Илустрација

Четиринаесет набљудувачи на мисијата ОДИХР ќе ги следат локалните избори 2025 година.

Нивните барања за акредитации за набљудување на локалните избори едногласно ги усвоија членовите на Државната изборна комисија (ДИК) на денешната (4 септември) 133 седница.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, рече дека официјално утре ќе ја имаат и првата средба со претставниците на набљудувачката мисија, со што и официјално почнуваат со нивната работа.

„Тие ќе бидат во постојана комуникација за сите потребни појаснувања до Државната изборна комисија и ќе бидат присутни на сите наши отворени јавни седници. Така што во таа насока ги усвојуваме првите нивни барања за акредитација на набљудувачи. Едното барање е за шест лица, другото барање е за осум лица“, рече Кондарко.

Членовите на ДИК едногласно ги усвоија и измените, дополнувањата на решение за измена на регистер на радиодифузери, печатени и електронски медиуми, интернет портали за локалните избори.

Видете и ова: Независните кандидати за градоначалници може да ја поматат водата на партиите

На денешната седница се разгледуваа и 34 барања за изземање на претседатели, заменици претседатели и членови на Општинските изборни комисии, а воедно на нивни места беа избрани нови.

Ова ќе бидат осми по ред локални избори, а на минатите, во 2021, набљудувачката мисија на ОДИХР во земјава имаше тим од 16 експерти. Тогаш вкупно 165 набљудувачи од 29 земји ги следеа изборите, а за првпат се гласаше со биометриска идентификација на гласачите.