Трамп врши притисок врз Европа за руската нафта додека Коалицијата го финализира безбедносниот план за Украина

Европските лидери разговараа телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп во Киев, 4 септември 2025 година

Американскиот претседател Доналд Трамп зазеде борбен тон со клучните европски поддржувачи на Киев, велејќи им дека треба да извршат поголем финансиски притисок врз Русија и нејзиниот главен сојузник, Кина, за да го принудат Кремљ да ја прекине војната против Украина, изјави функционер на Белата куќа.

Европските лидери го повикаа „претседателот Трамп на нивниот состанок на „Коалицијата на подготвените“, рече функционерот на Белата куќа за телефонскиот повик на 4 септември по собирот во Париз на поддржувачите на Киев.

„Претседателот Трамп нагласи дека Европа мора да престане да купува руска нафта што ја финансира војната - бидејќи Русија доби 1,1 милијарда евра (1,8 милијарди долари) од продажба на гориво од ЕУ за една година“, го цитираше Ројтерс функционерот.

Функционерот додаде дека Трамп, исто така, во телефонскиот повик рекол дека „европските лидери мора да извршат економски притисок врз Кина за финансирање на воените напори на Русија“.

Видете и ова: Макрон: Безбедносните гаранции за Украина ќе бидат договорени со САД во „следните денови“

Трамп, кој разговараше со европските лидери по собирот во Париз, не коментираше лично за парискиот состанок. Но, во коментарите за новинарите подоцна, тој рече дека ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин, кога го прашаа дали планира да разговара со Путин во блиска иднина.

Европа се обидува, уште од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, да се ослободи од зависноста од Русија за снабдување со енергија. Европската комисија предложи закон за постепено укинување на увозот на руска нафта и гас од ЕУ до 1 јануари 2028 година.

Унгарија и Словачка, обете предводени од националистички лидери со блиски врски со Кремљ, продолжија да увезуваат руски енергетски производи и покрај потезите на ЕУ за диверзификација.

Коментарите на Белата куќа доаѓаат откако францускиот претседател Емануел Макрон - лидер на „Коалицијата на подготвените“ заедно со британскиот премиер Кир Стармер - изјави дека 26 земји се согласиле да учествуваат во повоените безбедносни гаранции за Украина и дека поддршката на САД за планот ќе биде финализирана во следните денови.