Агенцијата за цивилна одбрана на Газа објави дека 19 лица биле убиени на 5 септември во серија израелски воздушни напади во и околу градот Газа, населба што израелската војска се обидува да ја стави под целосна контрола.
Портпаролот на агенцијата, Махмуд Басал, рече дека нападите погодиле згради и шатори во кои се сместени раселени Палестинци во неколку населби и на периферијата на градот, каде што Обединетите нации велат дека повеќе од еден милион луѓе страдаат од глад.
Израел го засили бомбардирањето на градот Газа откако објави офанзива со цел преземање целосна контрола врз областа.
Портпаролот на израелската војска, Надав Шошани, еден ден претходно изјави дека нема да има најава за почеток на офанзивата за да се „зачува елементот на изненадување“.
Друг портпарол рече дека Израел веќе контролира 40 проценти од градот.
Видете и ова: Израелската армија вели дека Газа е „опасна борбена зона“Израел очекува новата офанзива да принуди околу еден милион луѓе да се преселат во јужниот дел на Појасот Газа.
Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас - палестинска група која се смета за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија - го нападна јужен Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и киднапирајќи 251.
Како резултат на израелската офанзива, според Министерството за здравство управувано од Хамас, повеќе од 64.000 Палестинци се убиени во Газа - бројка која Обединетите нации ја сметаат за веродостојна.