Брунер: Ние одлучуваме кој може да дојде во Европа, а кој не

Помина деценија откако започна растот на миграцијата кон Европската Унија вклучувајќи многу луѓе што бегаат од војната во Сирија, по што миграциската политика на блокот повторно е на пресвртница.

За комесарот за миграција на ЕУ, Магнус Брунер, ова е момент да размисли за лекциите научени во текот на изминатата деценија, и за тоа што претстои додека мигрантите и барателите на азил продолжуваат по својот пат за влез во блокот.

Австрискиот фунцкионер Брунер смета дека сега ЕУ одлучува кој ќе ги премине, а кој не ги премине нејзините граници.

За да управува со понатамошното пристигнување на мигранти од надвор од ЕУ, тој во одговор на прашањата на германската новинска агенција ДПА повика на поефикасно враќање на оние кои немаат право на азил и посилна соработка со трети земји надвор од блокот.

Десет години по бранот бегалци во 2015 година, ЕУ спроведе значајни политички реформи, вклучувајќи го и новиот Пакт за миграција и азил. Сепак, многу предизвици - како што се нееднаквата распределба на пристигнувањата и постојано високиот број - остануваат нерешени.

„Европа се соочи со низа предизвици во областа на миграцијата во текот на изминатите 10 години и покажа извонредна одговорност. Овие предизвици јасно ги открија слабостите во нашиот систем за азил. И ние се справуваме со нив. Мислам дека најголемата лекција што ја научивме е дека во Европската унија од 27 земји-членки, миграцијата е прашање на кое мора заеднички да се одговори. По 10 години преговори, воспоставуваме современ миграциски систем кој ја враќа контролата врз тоа кој може да дојде во Европа - а кој не“, изјави тој.

Видете и ова: Бројот на мигранти во Велика Британија достигна нов рекорд

Во моментов, ЕУ сè уште ја применува старата законска рамка. Со целосното стапување во сила на Пактот за миграција и азил во јуни 2026 година, заедно со нашите други предлози за поефикасно враќање и посилна соработка со трети земји по должината на рутата, ова се менува. Тој посочи дека во областите каде што европските земји ја засилиле меѓусебната соработка е забележлив пад на нерегуларните пристигнувања како што се Западен Балкан со пад од -95% од 2022 година и Централен Медитеран со пад од -60% од 2022 година.

„За да ги спречиме луѓето да одат на опасни патувања, треба да се ангажираме со трети земји по должината на [миграциската] рута, како и во земјите на потекло. За ова, треба да работиме на сеопфатни партнерства за да обезбедиме решавање на миграциските проблеми,“ изјави Брунер.

Фронтекс ги поддржува земјите-членки во заштитата на нивните надворешни граници преку обезбедување техничка и оперативна поддршка. Фронтекс беше опремен со нов мандат во 2019 година, кој веќе многу помогна во зајакнувањето на системот за заштита на фундаменталните права на агенцијата, вклучително и преку службеникот за фундаментални права, кој е одговорен за следење на усогласеноста со фундаменталните права и поединечно ја обработува секоја жалба.

Според Брунер потребно е да се ажурира мандатот на Фронтекс со цел ЕУ да се осигура дека граничната агенција на ЕУ е опремена за иднината.

„Комисијата спроведува двонасочен пристап за спроведување одржливи структурни реформи заедно со целни оперативни одговор, вклучително и преку сеопфатни партнерства со земјите-партнери. Договорот за реформите на Пактот за миграција и азил ѝ овозможува на ЕУ да сврти страница на минатите фрактури и да консолидира заеднички пристап кон миграцијата и управувањето со границите. Со други зборови, ја средуваме нашата европска куќа и осигуруваме дека имаме соодветна правна рамка за да можеме да воспоставиме брзи, ефикасни и поедноставени процедури за азил и враќање и хармонизиран систем за управување со пристигнувањето на државјани кои не се членки на ЕУ,“ изјави Брунер за ДПА.