Јаневска: Има предизвици во основното образование со учебниците

Министерката за образование Весна Јаневска

Министерката за образование Весна Јаневска на 5 септеври призна дека сепак има проблеми со учебници за кои минатата недела изјави дека нема. Станува збор за учебници во различни одделенија,.

Токму генерацијата осмоодделенци се соочува со најголем број недостојни учебници, затоа што тие се печатени пред повеќе од 10 години, а нивното предавање од генерација на генерација, досега два пати ги амортизирале. Овие деца се дел од генерацијата која не беше целосно опфатена со новата концепција на поранешната министерка за образование Мила Царовска.

„Во четврто одделение има проблем со учебникот по математика и ќе се обидеме да го решиме. Во петто, имаат нов учебник по историја и општество, во шесто имаат учебник по историја нов, а учениците во седмо, добиваат нови учебници по сите предмети. Во осмо одделение, предизвик е учебникот по историја, одобрен од минатите влади, а повлечен од 2019 година од МНР поради барањето на мешовитата комисија. Зошто никој од претходните министри не презеле нешто за учебникот, да биде испечатен нов, ќе мора да ги прашате нив. За 14 дена ќе биде објавен конкурсот за новите наставни програми за осмо одделение, а тоа значи дека догодина ќе има комплетно нови учебнци вклучувајчи и нова историја. Учебникот кој сега се дели по училишта не е одобрен учебник“, рече Јаневска.

Министерката кажа дека до неа стасале поплаки од родители кои се пожалиле дека нивните деца добиле несоодветни и оштетени учебници, по што кажа дека тие, согласно закон, се обновуваат на секои 5 години.

„Секако, можно е учебник да биде оштетен, затоа сме превиделе училишна комисија која го прима учебникот по користењето, па ако е оштетен, цената треба да ја плати родителот. Комисијата и директорите се должни да имаат евиденција и да побараат рефундирање на средствата. МОН не може да проверува учебници кај секој ученик“, рече Јаневска.

Видете и ова: Парталави учебници пак пред учениците, родители може да бараат замена

На новинарско прашање, колку пари досега се потрошени за учебници, Јаневска кажа дека вкупната сума која била одвоена годинава за оваа намена е околу 11 милиони евра.

На први септември, тврдејќи дека МОН и општините се погрижиле да бидат обезбедени сите услови за квалитетна настава, Јаневска кажа дека ќе има учебници за сите ученици.

„Обезбедени се учебници за сите ученици и ова повеќе нема да биде предмет на дискусија“, беше децидна Јаневска.

МОН реагираше и по прес-конференцијата на СДСМ, на која беше кажано дека не е точно дека учебници има за сите ученици.

„Учебници има, за сите ученици. Министерството за образование и наука годинава го испечати целиот тираж кој го побараа сите училишта, преку посебната електронска апликација за пријавување на потребни количини на учебници. Испечатени се претходно одобрените учебници по сите предмети, новите за седмо одделение и за прва година во гимназиите, но и новите по странските јазици по кои недостасуваа седум години“, беше наведено во соопштението од МОН.

Оваа учебна година во Северна Македонија започна во понеделникот, 1 септември, и во неа се запишани вкупно 245.000 ученици, 177.800 во основно и 67.200 во средно образование.