Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која може да се означат земјите што погрешно притвориле американски државјани како државни спонзори на тероризам, вклучувајќи ги Иран, Авганистан, Русија и Кина.
На брифингот за медиумите на 5 септември, високи претставници на администрацијата изјавија дека Вашингтон ќе ги таргетира земјите што држат неправедно притворени Американци, како и оние што се вклучуваат во „заложничка дипломатија“.
„Како и со ознаката за држава спонзор на тероризам, ниедна нација не треба да сака да заврши на оваа листа“, изјави државниот секретар Марко Рубио во соопштението.
Наредбата ќе воведе казнени мерки, вклучително и санкции, за оние за кои Вашингтон смета дека неправедно притвораат Американци.
Друг висок претставник на администрацијата им рече на новинарите дека казните ќе бидат слични на оние според сегашните ознаки за странски терористички организации, вклучително и казни како што се санкции, контрола на извозот и забрана за влез во САД за оние за кои ќе се утврди дека се поврзани со нелегални притворања.
Видете и ова: Израелската армија повикува на евакуација на градот Газа„Денес сè се менува во врска со одметнатите режими и режимите што мислат дека Американците можат да се третираат како пиони“, им рече друг претставник на новинарите.
„Денес повлекуваме многу јасна линија. Нема да ги користите Американците како адут за преговарање“, рече функционерот, зборувајќи под услов да остане анонимен.
Службениците им кажаа на новинарите дека администрацијата на Трамп обезбедила враќање на 72 американски граѓани, вклучувајќи ги и оние од Русија и Авганистан.
„Извлековме многу луѓе и ќе продолжиме“, рече претседателот Доналд Трамп на 5 септември.
Според политиката, Вашингтон ќе ја извести земјата откако ќе утврди дека имало неправедно притворање, рекоа функционерите.
Земјите ќе имаат одреден временски период да дејствуваат пред Вашингтон да воведе санкции.
Еден од функционерите рече дека Вашингтон би можел да одлучи да ги укине санкциите ако се утврди дека се преземаат правилни мерки.
„Во случај како Иран или Русија, мислам дека ќе видите промена тука“, рече функционерот.
Видете и ова: Украина ја повикува Кина да изврши притисок врз Русија, Путин во Пекинг на разговори и парадаАмериканските функционери рекоа дека веруваат дека Русија држи девет американски државјани. Се верува дека Иран држи осум.
Русија е под посебни санкции од САД и Европа поврзани со инвазијата на Украина што започна во февруари 2022 година.
Иран е означен од САД како држава спонзор на тероризам и е исто така под целосната листа на санкции од САД.
„Глобал Рич“, непрофитна организација која работи на обезбедување ослободување на американски граѓани кои се држат како заложници или се неправедно притворени во странски земји, го поздрави потегот.
„Оваа ознака е нешто што ќе им даде сила на напорите на владата на САД да ги врати дома притворените Американци и да ги одврати земјите што го кршат законот од вклучување во „заложничка дипломатија“, изјави извршниот директор Мики Бергман во соопштението.