Јапонскиот премиер поднесе оставка

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба поднесе оставка по една година на функцијата и по два големи изборни порази.

Одлуката доаѓа еден ден откако се очекуваше неговата Либерално-демократска партија да гласа дали да се одржи внатрешно гласање за негово отстранување од челната позиција во партијата.

Оваа партија владееше со Јапонија речиси седум децении, но под водство на Ишиба го загуби мнозинството во Долниот дом на парламентот за прв пат по 15 години, а потоа го загуби мнозинството и во Горниот дом на парламентот во јули.

Јапонија, четвртата најголема економија во светот и близок сојузник на Соединетите Американски Држави, сега се соочува со период на политичка неизвесност, бидејќи тензиите со Кина и регионалните неизвесности растат.

„Сега кога е постигнат заклучок во преговорите во врска со американските царини, верувам дека е вистинско време“, рече Ишиба, осврнувајќи се на договорот потпишан минатата недела за намалување на царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп за јапонски автомобили и друг извоз.

Тој се спротивстави на повиците за негова оставка до недела, велејќи дека негова одговорност е да ги реши разликите со Вашингтон.

Видете и ова: Западната коалиција е поблиску до планови за „мировни сили“ во Украина поради интересот на САД

„Длабоко верував дека преговорите во врска со американските тарифи, кои би можеле да се опишат како национална криза, требаше да завршат како одговорност на нашата администрација“, рече тој, меѓу другото.

Ишиба изјави дека ќе продолжи да ги извршува своите одговорности „пред народот“ сè додека не се избере нов премиер.

Тој ја презеде функцијата во октомври 2024 година, ветувајќи дека ќе се бори против зголемувањето на цените, но инфлацијата, која ги удвои цените на оризот минатата година, имаше длабоко штетно влијание врз неговото лидерство.

Причини за падот на јавната поддршка се и неговите одлуки да назначи само две жени во кабинетот, како и да купи скапи подароци за членовите на партијата.