Трамп најави можен договор за Газа

Претседателот на САД Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека наскоро би можел да биде постигнат договор за Појасот Газа, за да се обезбеди ослободување на сите заложници што ги држи Хамас - палестинска група која е прогласена за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија.

Трамп претходно изјави дека му дава „последно“ предупредување на Хамас да ги прифати условите на договорот.

Во разговор со новинарите во Вашингтон во неделата вечерта, Трамп рече дека разговарал за договорот во текот на летото.

„Работиме на решение кое би можело да биде многу добро“, рече тој.

Тој одби да даде дополнителни детали, но додаде: „Наскоро ќе слушнете повеќе за тоа“.

„Се обидуваме да го завршиме ова, да ги вратиме заложниците“, нагласи тој.

Видете и ова: Израел предупредува дека признавањето на палестинската држава охрабрува „еднострани дејствија“

Претходно истиот ден, Трамп го предупреди Хамас да ги прифати условите на договорот, без да даде дополнителни објаснувања.

„Израелците ги прифатија моите услови. Време е и Хамас да ги прифати“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.

„Го предупредив Хамас за последиците од одбивањето. Ова е моето последно предупредување, нема да има второ!“

Хамас подоцна соопшти дека прифатил некои предлози од американската страна преку медијатори, со цел постигнување договор за прекин на огнот во Газа, и дека разгледува начини за нивно понатамошно развивање.

Хамас исто така не даде детали за евентуален договор.

Во својата изјава, Хамас ја повтори својата подготвеност да преговара за ослободување на сите заложници во замена за „јасно прогласување на крајот на војната“ и целосно повлекување на израелските сили од палестинската територија.

Видете и ова: Израелската армија повикува на евакуација на градот Газа

Трамп им рече на новинарите дека верува оти сите заложници ќе бидат вратени.

„Мислам дека ќе ги вратиме сите“, рече тој.

Тој нагласи дека некои можеби веќе починале, но дека целта е да се вратат нивните тела.

Во саботата, израелската телевизија N12 News објави дека Трамп му презентирал на Хамас нов предлог за прекин на огнот.

Според предлогот, Хамас ќе ги ослободи сите 48 преостанати заложници првиот ден од прекинот на огнот во замена за илјадници палестински затвореници кои се наоѓаат во израелските затвори, а за време на примирјето, ќе се водат преговори во енклавата за да се стави крај на војната, објави N12.

Израелски функционер изјави дека Израел „сериозно го разгледува“ предлогот на Трамп, но не даде дополнителни детали.

Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас уби 1.200 луѓе во јужен Израел и зеде околу 250 заложници, според израелските бројки.

Оттогаш, според Министерството за здравство на Газа - кое е дел од администрацијата на Хамас и е составено од медицински експерти - повеќе од 64.000 Палестинци загинале за време на израелската воена кампања.