Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на „силен“ одговор од САД на најновиот масовен руски напад со беспилотни летала врз Киев, кој за прв пат погоди владина зграда откако започна инвазијата во февруари 2022 година.
„Важно е нашите партнери да дадат широк одговор на денешниот напад“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање.
„Сметаме на силен одговор од Америка. Тоа е она што е потребно.“
„Јасно е дека Русија се обидува да ѝ наштети на Украина со сè подрски напади. Ова е јасен знак дека [рускиот претседател Владимир] Путин го тестира светот - за да види дали ќе го прифати или толерира тоа“, рече Зеленски.
„Затоа е важно изјавите на лидерите, државите и институциите да бидат поткрепени со силна акција - санкции против Русија, против поединци поврзани со Русија, високи тарифи и други ограничувања за трговија со Русија“, додаде тој.
Видете и ова: Најголем руски напад врз Киев до сега, прв пат погодена зградата на ВладатаАмериканскиот претседател Доналд Трамп, кој долго време изразуваше восхит кон Путин и зборуваше за нивното „пријателство“, станува сè пофрустриран од одбивањето на Путин да прифати прекин на огнот и неговото одбивање да одржи директни разговори со Зеленски.
Трамп, исто така, рече дека е „многу разочаран“ од Путин по неодамнешната серија засилени напади врз украинските градови. Ова го наведе да предложи нови санкции или царини против Русија, иако сè уште не презел конкретни чекори.
На 7 септември, Трамп навести дека се приближува кон воведување казнени мерки против Москва, но не даде детали.
На прашањето на новинарите во Белата куќа дали е подготвен да премине на „втора фаза“ од санкциите против Москва, Трамп кратко одговори: „Да, сум“.
Европските сојузници на Вашингтон и Киев веќе воведоа финансиски мерки против Москва по нејзината инвазија на Украина, што помогна во сериозното ослабување на руската економија.
Видете и ова: Дебата за разделба во ЕУ: Патот на Молдавија и Украина кон членство под лупаАмериканскиот специјален претставник Кит Келог напиша на мрежата X дека најновиот смртоносен напад на Кремљ врз Киев „не е сигнал дека Русија сака дипломатски да ја заврши оваа војна“.
„Се чини дека Русија го ескалира конфликтот со најголемиот напад од почетокот на војната, кој ги погоди канцелариите на украинската влада во Киев“, додаде тој, истакнувајќи дека бил во зградата пред две недели за да се сретне со украинските лидери.
Во нападите рано на 7 септември, Русија лансираше повеќе од 800 беспилотни летала и ракети низ целата земја, што е нов рекорд, според украинските власти.
Четири лица беа убиени кога руски беспилотни летала погодија и делумно уништија две станбени згради во Киев, соопштија официјални лица.
Зградата на Кабинетот на министри, која се наоѓа во срцето на Киев, е дом на украинската влада и во неа се сместени канцелариите на министрите.
Видете и ова: Западната коалиција е поблиску до планови за „мировни сили“ во Украина поради интересот на САДВладините згради во центарот на Киев, кои се силно обезбедувани, претходно не биле цел на руски напади.
„За прв пат, владина зграда е оштетена од непријателски оган, вклучувајќи го покривот и горните катови“, рече украинската премиерка Јулија Свириденко.
„Варварскиот напад е доказ дека мора да направиме сè што е потребно за да ја запреме руската воена машинерија, која се напојува од приходите од нафта и гас“, рече Свириденко, според „Њујорк пост“.
„Ја цениме брзата реакција на претседателот Трамп и силниот сигнал за подготвеност за воведување секундарни санкции врз Русија. Овој чекор е многу важен за Украина, бидејќи нашиот народ секојдневно страда од руски напади во сè поголем обем. Се надеваме дека оваа одлука наскоро ќе стапи на сила“, додаде таа.
Зеленски на Фејсбук напиша: „Убиства како овие, сега кога вистинската дипломатија можеше да започне одамна, претставуваат намерно злосторство и продолжување на војната“.
И покрај изобилството докази за спротивното, Русија негира дека таргетира цивилни цели во Украина.