Мицкоски: Аферата со прислушувањето нема да се стави под тепих

Архива - премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски на свеченост по повод 8 Септември се осврна и на аферата со наводното незаконско прислушување, нагласувајќи дека институциите мора да обезбедат одговорност.

Тој рече дека сите материјали се предадени на обвинителството и оти случајот ќе се следи внимателно.

„Вистинското прашање е како да се спречат злоупотребите и да не се повторат. Тоа е можно само ако има одговорност. Знам дека довербата во институциите е ниска, но овој случај нема да се стави под тепих – тоа е прашање на опстојување на државата,“ порача Мицкоски.

Аферата изби минатата недела, а премиерот Мицкоски тврдеше дека бил следен додека бил опозициски лидер, велејќи дека очекува виновниците да одговараат.

Видете и ова: Истражители од ОЈО ГОКК на увид во АНБ за аферата за прислушувањето

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека започнало предистрага за наводите за незаконско следење, со увид во документацијата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Истовремено, Собраниската комисија за надзор над АНБ најави седница и надзорна посета на агенцијата.

Директорот на АНБ, Бојан Христовски, потврди дека случајот е пријавен до обвинителството и посочи на можни злоупотреби од страна на поранешен директор и група вработени.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, коментираше дека јавноста заслужува транспарентност и барање одговорност, со цел да се избегне „лов на вештерки“ и шпекулации.